Скопје – Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова гледа деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес. Според нејзините сознанија, како што изјави денеска, има исчекор. Ново е, рече, тоа што групата за пријатели на Западниот Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“.
– Да, гледам деблокада. Процесот не зависи само од нас, зашто ние покажавме невидена и нечуена кооперативност кога е во прашање нашата евроинтеграција. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. По моите сознанија, има исчекор. Јас и во Аушвиц се видов со претседателот на Бугарија. Меѓу нас има пријателски дијалог, разбирање, Очекувам во директните средби да се разговара за можните решенија, рече Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот напис во „Еуроактив“, дека Бугарија останува на ставот за промена на Уставот како дел од преговарачката рамка.
Според неа, она што е најважно потребна е добра волја и манифестирање на добрососедство.
– Во добрососедството не можам да препознаам механизми како вето и слични закани, додаде Сиљановска-Давкова. (11 февруари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.