Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Њујорк – Она што Обединетите нации се за светот, Европската унија е за Европа – мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа го постигнува преку проширувањето врз основа на Kопенхагенските критериуми – демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, и пазарна економија, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова, обраќајќи се на Годишниот самит на Конкордија, што се одржува денеска во Њујорк. 

Како што јави известувачот на МИА, таа рече дека ЕУ, како регионално, европско олицетворение на мултилатерализмот, има обврска непристрасно и конзистентно да го брани мултилатерализмот.

– Европската унија не може да го брани мултилатерализмот во светот ако го изневерува на својот континент. Проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia или discordia, дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции, кажа претседателката.

Таа истакна дека ако земјите од регионот на Западниот Балкан сакаат да бидат дел од ЕУ мора да се поддржуваат и да се разбираат меѓу себе.

– Како можеме да очекуваме да бидеме разбрани од ЕУ, ако не се разбираме меѓу себе. Треба да се разбираме и поддржуваме, онака како што Шведска, Данска и Норвешка го правеа за балтичките земји. Тие апсолутно ја поддржуваа нивната евроинтеграција и резултатот е очигледен. Но, за разлика од нив, нашите соседи често користат вето, а за членство е потребен консензус и ако една земја не се согласува, не можете да станете членка на ЕУ, рече Сиљановска Давкова.

Според неа, крајно време е да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување, бидејќи тоа создава проблеми, затоа што ние можеме да направиме се што е потребно во економијата, реформите, но сепак нашите преговори зависат од соседите.

– Сите имаме одговорност во регионот. Мислам дека билатерализацијата е загрозувачи инструмент за евроинтеграцијата. Тоа што и се случува на Македонија во иднина може да и си случи на друга земја кандидат. Проблемот на проширувањето не е само поголема ЕУ, туку има и безбедносен аспект. Во контекст на актуелниот опасен геополитички момент, би било добро што побрзо да станеме членка на ЕУ. Сега е моментот што треба да се искористи, не само од земјите од Западен Балкан, туку и од ЕУ. Сега е последен момент да бидеме разбрани, порача Сиљановска Давкова. (23 септември 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.