Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Не сме стебло без корен, не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ оти отсекогаш сме дел на Европа. Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми,  порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на централната свеченост на Мечкин камен по повод Денот на Републиката – Илинден.

Според неа, најперспективните млади луѓе масовно се иселуваат во потрага по пристојно место за живеење, а меѓу нив, вели, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и сограѓани кои посегнуваат по државјанства на наши соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас.

– За таа цел, ние се стремиме кон членство во Европската Унија зашто и таа е идејно чедо на Мациниевата „Млада Европа“. Легитимно прашање е дали и колку денешнава Европска Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата или сенките на старата Европа како да не се далечно минато или како да осамнуваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и на демократскиот дефицит, вели Сиљановска- Давкова. Напротив, вели таа, тие се очигледни.

Таа се осврна и на предизвиците на нашиот европски пат и на билатерализацијата на евроинтегративен процес.

– И денес, забележувам остатоци од старата Европа: уморна од проширувањето, којашто од нас бара „храбри отстапки“, без да има храброст да им се спротивстави на двојните стандарди; Европа којашто дозволува билатерализација на нашата интеграција и толерира блокади поради идентитетски и историски прашања; Европа којашто ги менува правилата на игра по барање на членка; Европа којашто понекогаш го толерира заобиколувањето на основните вредности и принципи вградени во фундаменталните документи: Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права. Иако конститутивните акти ја обврзуваат Унијата да ја почитува европската „богата културна и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“ оти гордо се дефинира како „единство на различности“, таа замижува пред нивното кршење во интерес на единството и мирот во куќата, рече Сиљановска Давкова.

Според неа, чудно е, во името на слободата на мислата и нејзиното изразување, да се слушаат европски пратенички оспорувања на македонскиот идентитет, 100 години по печатењето на АБЕЦЕДАР-от за децата Македонци во Атина во 1925, под притисок на Лигата на народите! Неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, како школа на европската демократија, подвлече таа, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет.

Колку и да ни е тешко, потенцира Сиљановска Давкова, не треба да се обесхрабруваме од пречките, оти сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми.

– Не сме сами. Имаме пријатели – демократи коишто го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата. Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци. Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхашките критериуми, порача Сиљановска Давкова пред присутните гости. (2 август 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.