Скопје – Севкупните билатерални односи, македонските евроинтеграции, како и потребата од заеднички регионален пристап во надминување на глобалните предизвици, беа тема на разговорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот словачки колега Петер Пелегрини на маргините на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку.
Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова, словачкиот претседател на средбата оценил дека македонската евроинтеграција е заложник на билатерализацијата на проширувањето на ЕУ, при што нагласил дека Словачка е силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и Братислава ја критикувала блокадата на македонската евроинтеграција на многу состаноци на Советот на ЕУ.
Сиљановска Давкова истакнала дека високо ја цениме досегашната поддршка од Словачка за македонскиот евроинтегративен пат и изразила убедување дека меѓусебната помош ќе продолжи и во натамошниот дел од процесот на нашето пристапување во Европската Унија.
Претседателката изразила задоволство од континуираниот развој на македонско-словачките односи и уверување за уште поуспешна и плодна соработка во периодот што следи. Како сојузнички во НАТО, претседателката Сиљановска Давкова изразила уверување за продолжување на добрата соработка во одбраната и во безбедноста. (12 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.