Скопје – „Железници на Република Северна Македонија – Транспорт“ и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) потпишаа договр за заем во износ од 20,9 милиони евра наменети за набавка на електрични локомотиви со резервни делови, со цел овозможување поголем транспорт на стоки и генерирање приходи на претпријатието.
Како што беше речено пред потпишувањето, проектот е важен чекор кон модернизација на ЖРСМ Транспорт, како и кон унапредување на сигурноста и ефикасноста на товарниот железнички сообраќај.
– Денес зборуваме за нешто што со децении беше занемарувано, а е од суштинско значење за економијата, извозот и европската иднина на Македонија, тоа е железницата. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална… Просечната старост на дизел локомотивите е над 60 години, а на електричните над 40 години. Тоа не е одржливио, ниту економски ниту безбедносно, ниту еколошки. Затоа, целта на оваа набавка е јасна – да се зголеми бројот на локомотиви и капацитетот за транспрот на стоки и со тоа да се зголемат приходите и финансиската стабилност, подвлече премиерот Христијан Мицкоски, според кој, ова е системска обнова на железничкиот сектор.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, потпишувањето на Договорот е клучен чекор за целосната трансформација на ЖРСМ Транспорт во модерно претпријатие кое ќе одговори на потребите на комитентите.
– Денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Ова е навистина голем чекор напред за Железници за транспорт – и во делот на карго-превозот и во патничкиот сообраќај… Истовремено, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје – подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз, рече Николоски.
Министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека Договорот за заем е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
Шефот на Канцеларијата на ЕБРД, Фатих Туркменоглу го оцени Договорот како значајна пресвртница во напредокот на транспортниот сектор во Македонија.
– Денеска одбележуваме витална инвестиција што ќе ја поддржи обновата на железничката флота управувана од Македонската железничка транспортна компанија. Ова финансирање ќе и овозможи на Северна Македонија да набави до пет нови електрични локомотиви и да имплементира систем за планирање на ресурсите на претпријатијата. Овие подобрувања претставуваат многу повеќе од технички надградби. Тие се стратешки инвестиции дизајнирани да ги подобрат ефикасноста, квалитетот и безбедноста на товарните железнички операции и ќе придонесат за намалување на емисиите на CO₂ и ќе играат клучна улога во поддршката на тековната зелена транзиција на земјата, истакна Туркменоглу. (30 декември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
