Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Јавниот обвинител на Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, евроамбасадорот Михалис Рокас. На средбата, како што соопшти Јавното обвинителство, Коцевски информираше за преземените активни чекори за подобрувања во сите области кои се наведени како препораки во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја и за Реформската агенда која наскоро треба да започне да се реализира. 

Како клучен предизвик кој го навел Коцевски, а кој и Европската комисија го констатира во извештајот, се недоволните ресурси кои и се овозможуваат на институцијата за сите активности кои ги реализира.

– Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации за сите овие реформи. Тоа и го направивме. Но, за реформите што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година. Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ за Обвинителството во висина од 0,4 отсто од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2 отсто, што е половина од законскиот минимум, информира Коцевски.

Тој го запознал евроамбасадорот Рокас и со предизвиците од аспект на кадровска неекипираност на обвинителствата, односно недостигот од јавни обвинители и службеници, како и за застареноста на опремата. (21 ноември 2024)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.