Брисел – Силната поддршка од Европскиот парламент за европерспективата на Северна Македонија беше потврдена на денешните средби во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со европратениците Тајс Ројтен и Матеј Тонин, кои се известители на ЕП во сенка за земјава.
На средбите европратениците ја истакнаа важноста на реформите и динамиката на пристапниот процес, како и потребата од градење стабилни односи со сите земји членки на Унијата.
При тоа, беше нагласено дека продолжувањето на интегративниот пат зависи од заедничките напори и конструктивен пристап во решавањето на предизвиците на европскиот пат.
Министерот Муртезани, од своја страна, изрази благодарност за континуираната поддршка и ја потенцираше посветеноста на земјава кон европската агенда. Тој истакна и дека земјата останува активен партнер во процесот на пристапување и очекува предвидлив и праведен пристап од страна на Европската Унија.
За време на дводневната посета на Брисел, што започна денеска, предвидено е Муртезани да се сретне и со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, со копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ, хрватскиот европратеник Карло Реслер, со извршниот директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Мати Масикас и со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСЦ), Оливер Ропке.
На средбите се очекува да се разговара за напредокот на земјава во процесот на пристапување во ЕУ, Реформската агенда, следните чекори во преговарачкиот процес, за соработката со европските институции, како и за политичките и безбедносни предизвици во регионот и за геополитичките аспекти на процесот на проширување. (4 февруари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.