Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Во Европската Унија од денеска стапува во сила новата Регулатива за транспарентност на политичкото рекламирање со која се воспоставуваат заеднички стандарди на ЕУ за платениот политички маркетинг. 

Согласно оваа Регулатива, на сите политички реклами мора јасно да биде посочено кој платил за нивното објавување или емитување, како и дали тие се целно насочени кон одредена публика или дел од популацијата. 

Новите правила од оваа Регулатива имаат за цел да ја зголемат довербата на граѓаните во изборните кампањи и да се справат со предизвиците поврзани со порастот на ширењето дезинформации, странското мешање и напредните техники на таргетирање.  

Според ЕУ, високото ниво на транспарентност во политичките кампањи е од суштинско значење за да се обезбедат фер дебата и избори, како и објективно демократско учество.  

Новите правила не се однесуваат за изнесување лични ставови и мислења во новинарски текстови или емисии, како ни за содржини за комуникација поврзани со организација и учество на избори од страна на официјални национални или европски претставници. 

Според главниот преговарач на Европскиот парламент во процесот на усвојување на Регулативата, либералниот француски европратеник Санто Гоци, со овој акт првпат се воспоставува единствена европска рамка дизајнирана да служи како глобален модел за обезбедување пофер избори, заштита на граѓаните од злоупотреби на нивните лични податоци и зајакнување на демократската отпорност во услови на засилено странско мешање.  

– ЕУ испраќа јасен сигнал потврдувајќи ја својата посветеност на градење демократски, безбеден и отворен простор каде што секој граѓанин може да го даде својот глас на избори врз основа на точни информации, истакна Гоци. 

Тој се осврна и на најавите на „Гугл“ и „Мета“ за запирање на сите реклами поврзани со политички, изборни и социјални прашања во ЕУ во рамки на прилагодувањето на Регулативата, оценувајќи дела тоа би имало далекусежни последици затоа што ќе ги лиши граѓаните, партиите и здруженијата од легитимни и транспарентни канали за комуникација.  

– Тоа уште еднаш го илустрира ставот на одредени големи платформи за давање приоритет на нивните економски интереси, пред почитувањето на демократските правила. Сепак, во Европа демократските правила не се опција. Едноставно се неприфатливи сугестиите дека е можно заобиколување на законот и избегнување на одговорноста што ја има секој актер што работи на нашиот пазар, додаде Гоци. 

Според него, слободата на изразување никогаш не смее да стане слобода за манипулирање или алатка за ширење дезинформации, па затоа е време онлајн платформите да ја преземат својата одговорност во заштитата на изборните процеси.  

– Регулативата што ја спроведуваме од денеска е јасна: заштитата на јавниот интерес и демократијата имаат предност пред профитот на дигиталните гиганти. По Законот за дигитални услуги и Законот за дигитални пазари, Европа е прва во воспоставувањето сеопфатна европска рамка за онлајн политичко рекламирање, промовирајќи транспарентност, дигитален суверенитет и одбрана на нашите демократски вредности, додаде Гоци. 

Во пресрет на стапувањето во сила на Регулативата, Европската комисија во средата објави Упатство за примена на новите правила, наменето за политичките актери и давателите на услуги за политичко рекламирање. (10 октомври 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.