Софија – Актуелната енергетска криза и текот на скрининг процесот, како важна фаза во пристапните преговори за членство на земјава во Европската Унија, беа главни теми на денешната средба на шефот на државата Стево Пендаровски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен во Софија.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски изрази очекување за помош од Европската Комисија во контекст на европската солидарност во справувањето со енергетската криза.
Во однос на во пристапните преговори за членство Пендаровски истакна дека земјава е подготвена да ги направи потребните реформи во клучните области, како дел од процесот за пристапување кон ЕУ. Пендаровски и Фон дер Лајен денеска во Софија присуствуваат на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија. (1 октомври)
Смирена реториката од Софија кон Скопје во изминатите месеци, оцени Пендаровски
Софија – Можам да забележам дека во изминатите неколку месеци е прилично смирена реториката која доаѓа од Софија кон Скопје. Бугарите утре имаат парламентарни избори и јас сум задоволен дека „темата Македонија“ повеќе не е меѓу приоритетните, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски од Софија.
За жал, како што рече претседателот, тоа не беше така во изминатите две години, кога „имало или немало избори, особено некои политички субјекти и некои политичари, прилично ја користеа за добивање политички поени“.
Тој посочи дека во четвртата година од својот мандат првпат ја посетува Бугарија, дошол на покана на бугарскиот претседател Румен Радев за да разговараат за енергетската криза во присуство на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Не би прифатил средба, рече, ако темата била од некој минат век. (1 октомври)
Пендаровски: Има волја од Бугарија да ни помогне со енергија преку механизмите на ЕК
Софија – Претседателот на државата Стево Пендаровски со бугарскиот колега Румен Радев и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен разговараа како Бугарија може да и помогне на С.Македонија за енергијата.
По трилатералната средба, шефот на државата изјави дека има подготвеност од бугарска страна да ни помогне во снабдувањето со електрична енергија, преку механизми на ЕК, односно низ компензациските т.е. солидарните фондови, слично како со вакцините за време на КОВИД-пандемијата.
– Разговаравме за тоа како може Бугарија да ни помогне во оваа ситуација. Република Северна Македонија е најмногу зависна од енергија, најмногу ни треба електриуна енергија во овој период, а Бугарија е една од многу ретките држави на целиот европски континент која има вишоци на струја, пред се затоа што има нуклеарка на бугарско-романската граница. Меѓутоа, има правило, и бараме начин како да не го повредиме, а да ги задоволиме потребите на нашата држава. Правилото е дека земја членка на Европската Унија која има вишоци на струја, мора да ги продава на светскиот пазар. (1 октомври).
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.