Скопје – Можностите што се нудат во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан ќе ги поттикнат плановите за обликување на иднината на следните генерации и затоа треба да се искористат шансите што ги имаме и да ги направиме соништата реалност во име на посветла иднина за сите нас, порача денеска заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков во обраќањето на регионалниот семинар во организација на Економската комисија на ОН за Европа (УНЕЦЕ) што се одржува во Скопје.
– Можеме да го забрзаме протокот на стоки во регионот, можеме да ги зајакнеме нашите економии и можеме да ги претвориме предизвиците во можности, затоа што знаеме како, порача Трајков.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, заменик-министерката го поздравила учеството на собирот на експертите од сите земји од Западен Балкан и порачала дека искуствата од Обединетите нации и Европската Унија во оваа област се особено значајни и корисни.
– Како земји чија иднина е во согласност со европските перспективи, ги знаеме нашите обврски и го знаеме нашиот пат што треба да го градиме заеднички и обединети. Идеите ги поврзуваат нашите луѓе, правејќи го регионот поинтегриран и посилен и покрај предизвиците што претстојат. Цврсто верувам дека проектите за кои зборуваме денес ќе ја создадат нашата иднина утре, нагласи Трајков. (3 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.