AFP, ANSA, BTA, CTK, dpa, EFE, HINA, STA, TASR
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се нафрли на Европската Унија во четвртокот за време на неговиот прв важен говор пред глобалната публика откако го почна вториот мандат во Белата куќа, со што ја засили загриженоста во Брисел за иднината на европско-американските односи.
Зборувајќи преку видео-врска од Вашингтон, Трамп рече: „Имаме стотици милијарди долари (трговски) дефицит со ЕУ и никому не му се допаѓа тоа и ќе направиме нешто“ за да се надмине.
Во речиси едночасовното обраќање до деловните и политичките лидери собрани на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Трамп рече дека блокот од 27 нации со своите трговски и деловни правила се има поставено кон САД „многу неправедно“ и „многу лошо“.
Трамп рече дека нема да го толерира американскиот трговски дефицит со ЕУ. Исто така, ја обвини ЕУ дека одбивала да купува земјоделски производи и автомобили од САД. Американскиот претседател претходно имаше изразено незадоволство и што Европа не купува доволно американска нафта и гас.
Се трудам да сум конструктивен, бидејќи ја сакам Европа,
Доналд Трамп, американски претседател
За време на предизборната кампања, Трамп спомнуваше дека планира да воведе нови царини од 10 до 20 отсто на увозот од ЕУ, велејќи дека така ќе ја поттикне домашната индустрија и ќе го намали трговскиот дефицит.
Во текот на првиот мандат на Трамп, имаше дојдено до жесток трговски спор меѓу САД и ЕУ.
Во 2018 г., Трамп воведе царини за увоз на челик и алуминиум, што ја наведе ЕУ да одговори со воведување царини на американски производи како бурбон, мотоцикли Харли-Дејвидсон и фармерки.
Во нејзиниот говор во Давос минатиот вторник, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ е подготвена да разговара со Трамп и дека блокот има за „прв приоритет веднаш да се заложи, да дискутира за заедничките интереси и подготвено да преговара“.
„Ќе бидеме прагматични, но секогаш ќе останеме принципиелни. Да ги заштитиме нашите интереси и да ги почитуваме нашите вредности“, додаде таа.
Претседателката на Комисијата говореше во духот на помирување без директно да му се обрати на американскиот претседател.
Таа, сепак, нагласи дека светот влегува во „нова ера на остра геостратешка конкуренција“ и дека ЕУ ќе се стреми да ги подобри односите и со Кина и други нации, меѓу кои и Индија, како што се заострува глобалната конкуренција.
Претседателката на Комисијата ги посочи и неодамнешните заклучоци од разговорите со четирите земји од латиноамериканскиот трговски блок Меркосур, како и со Мексико и Швајцарија, како успеси од европските залагања.
Трамп се заканува со царини
Враќањето на Трамп во Белата куќа буди стравови дека ќе ги исполни неговите ветувања да воведе високи царини за Кина и сојузниците на САД, сосе Канада и ЕУ.
Во говорот за Давос, американскиот претседател го повтори ветеното дека ќе ѝ залепи царини на ЕУ веднаш по стапувањето на претседателската функција. Како причина ја наведе потребата да се поправи трговскиот дисбаланс на ЕУ со САД, укажувајќи на трговски дефицит од 350 милијарди долари со блокот.
Меѓутоа, Комисијата претходно ги имаше отфрлено тврдењата на американскиот претседател дека имало дефицит од 350 милијарди долари со ЕУ.
Портпаролот на Комисијата рече дека нема таков дефицит и дека САД и ЕУ имаат комплементарни силни страни. „Ние имаме суфицит во трговијата со добра, а САД имаат суфицит во трговијата со услуги“, додаде тој.
Според статистиката на ЕУ, САД во 2023 г. извезле добра во ЕУ во вредност од 347,1 милијарди евра, а од ЕУ во САД биле извезени добра во вредност од 503,8 милијарди евра.
Истата година, рече портпаролот, американскиот извоз на услуги во ЕУ изнесувал 396,4 милијарди евра, споредено со 292,4 милијарди евра во другата насока.
Портпаролот на Комисијата рече дека блокот има намера да работи конструктивно со новата американска администрација, но е подготвен, ако треба, и да ги брани своите легитимни интереси.
Без паника
Загриженоста околу трговијата беше горливо прашање за ЕУ во текот на првата недела на Трамп, а Брисел се произнесе со мантра за задржување на смиреноста и одмерениот пристап.
Извршната потпретседателка на Европската комисија Тереза Рибера рече дека блокот „претпочита да одбегнува конфронтации“ на конференцијата во белгискиот главен град организирана од истражувачката мрежа Форум нова економија. ЕУ „мора да остане со ладна глава“, рече таа.
„Ми се чини дека не е во ред да се мисли дека најдобриот одговор на провокација е да се ескалираат провокациите“, додаде.
Одбраната и енергетиката бргу се покажаа како области во кои ЕУ сака да ги подобри односите со САД на чело со Трамп и така да ги намали поводите за расправии околу трговските врски.
Честитајќи му на Трамп на новиот мандат, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вети посилна соработка меѓу Хрватска и САД и во воениот и во енергетскиот сектор.
„Одвај чекаме да соработуваме со претседателот Трамп и неговата администрација за уште повеќе да го зајакнеме нашето стратешко партнерство со САД. Ќе ја надоградиме нашата силна соработка на воено и енергетско поле“, Пленковиќ објави на платформата Х.
Кога Трамп ја презеде функцијата, словенечкиот премиер Роберт Голоб рече дека сака да ги унапреди билатералните односи и да ги зајакне врските. Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон истакна дека „САД се важен стратешки партнер за Словенија и секако дека тесно ќе соработуваме со новата администрација, особено во областите од заеднички интерес“.
Долгогодишниот дипломат и поранешен амбасадор во САД Божо Церар изјави за СТА оти е загрижен дека политиката на Трамп на некој начин ќе ја подели ЕУ. Додаде дека Трамп, иако не ја смета ЕУ за актер за којшто треба да размислува, нема сосема да им го сврти грбот ни на Европа ниту на Украина.
Кирил Петков, поранешниот премиер на Бугарија и член на опозицијата, рече дека враќањето на Трамп во Белата куќа „би требало да послужи како катализатор“ на европските одбранбени напори.
Петков рече и дека испораките на течен природен гас од САД ќе бидат „поконкурентни“ на европскиот пазар, па така ќе се усогласат со енергетската политика на Трамп и ќе ја намалат европската употреба на руски фосилни горива.
„Јасно е дека нашироко ќе се разговара за купување на течен природен гас од САД и за можните царини што САД може да ги наметнат“, рече словачкиот министер за финансии Ладислав Каменицки во Брисел по состанокот на министрите за финансии на ЕУ.
Тој им посочи на колегите од ЕУ и дека е неопходно да се спречи блокот од една зависност да се втурне во друга.
Каменицки се осврна на времето кога ЕУ увезуваше 40 отсто од својот гас од Русија пред војната во Украина. Денес, некои земји-членки што порано купувале повеќе од 50 отсто од својот гас од Русија, увезуваат околу 90 отсто од својот течен природен гас од Америка.
ЕУ прави напори да ја намали употребата на руска енергија во време кога се зголемува заканата дека војната на Кремљ во Украина би можела да ја загрози безбедноста на блокот.
Во исто време, Трамп – кој е против купувањето енергија од страна на ЕУ од Русија, додека САД плаќаат за одбраната на Европа како дел од НАТО – побара од членките на воената алијанса да ги зголемат одбранбените трошоци на 5 отсто од БДП, повеќе од двојно од сегашниот минимум од 2 отсто.
Полска, како единствена членка на НАТО што се граничи и со Русија и со Украина, го искористи враќањето на Трамп во Белата куќа за да изврши притисок на блокот за да преземе поголеми чекори во поглед на одбраната.
„Не прашувајте ја Америка што може да направи за нашата безбедност. Прашајте се себеси што можеме ние да направиме за нашата безбедност“, рече полскиот премиер Доналд Туск пред Европскиот парламент во средата, парафразирајќи го покојниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.
Туск ги повика своите европски партнери да го протолкуваат како „позитивен предизвик“ барањето на Трамп земјите од НАТО да инвестираат 5 отсто од својот БДП во одбраната, бидејќи „само сојузници им посакуваат на своите сојузници да бидат посилни“.
„Во овие времиња, Европа не може да си дозволи да штеди на безбедноста“, рече Туск, подвлекувајќи го своето убедување дека не само Европа, туку и сите сојузници на САД мора да преземат одговорност за сопствената безбедност, како што инсистира Трамп.
Малечка надеж
И други земји ги истакнаа позитивните страни. Враќањето на Трамп во Белата куќа е пред сè една можност, рече чешкиот претседател Петр Павел, додавајќи дека ги чека предлозите на новата американска администрација за Украина и како да се стави крај на војната.
„Да гледаме позитивно. Што може да се добие од овој момент на очекување што го внесе новата администрација, особено во однос на разврската на војната во Украина“, изјави Павел пред новинарите за време на неговата посета на Црна Гора.
Украина веќе речиси три години ѝ се спротивставува на руската агресија, благодарение на воената и друга помош од Западот, особено од САД.
Пред неколку дена, Трамп рече дека се надева оти ќе склучи прекин на огнот во првите шест месеци од неговото претседателствување.
Новиот претседател претходно тврдеше дека ќе ѝ стави крај на војната во првите 24 часа откако ќе се врати во Белата куќа.
Надвор на студот
Инаугурацијата на Трамп во студениот Вашингтон најдобро ја покажа промената во американските проценки на Европа.
Иако владини челници и шефови на држави обично не се на списокот гости на церемонијата, Трамп направи преседан и покани неколку странски лидери. Единствениот европски лидер беше италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Мелони, претседателката на екстремно десничарската партија Браќата на Италија, е во пријателски односи со Трамп и со неговиот близок советник и најбогат човек во светот Илон Маск.
Засега, италијанската лидерка можеби е најдобриот пат за Европа да влезе во најтесниот круг околу Трамп.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.
