Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Ги повикувам сите политички актери, одговорни актери, политички партии да вложат напор за уставните промени пред се во интерес на граѓаните. Тоа е одговорност кон луѓето, и сега е нужно итно државата да напредува и геостратешка можност e до крајот на 2030 година да направиме скок, да ја поврземе Европа и Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели словенечката вицепремиерката и министерка за надворешни работи Тања Фајон во интервју за МИА.

– Уставните промени се клучни пред се за еден оптимизам и поддршка на политиката и разбирање на граѓаните дека се работи за една заедничка европска иднина, која ќе обезбеди мир, безбедност и достоинство во животот на вашите граѓани, вели Фајон.

Шефицата на словенечката дипломатија вели дека е клучно Северна Македонија и Албанија со нова меѓувладина конференција да ги отворат и започнат конкретно преговорите. (3 декември)

Изборите, евроинтеграциите, Изборниот законик и техничката влада – теми на лидерската средба во Собранието

Скопје –  Во Собранието денеска напладне се очекува да започне средбата на лидерите на најголемите парламентарни партии во земјата – владејачките СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Левица, партиите од Европскиот сојуз за промени, на која треба да се разговара за претседателските и парламентарните избори 2024 година, но и за евроинтеграциите и техничката влада.

Лидерска средба. Фото: МИА

Најголем дел од парламентарните партии го потврдија присуството на средбата. Првите луѓе на партиите се очекува да го договорат датумот за претседателските и парламентарните избори, а извесно е дека тие ќе се одржат во мај. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април. (4 декември)

Османи: Уставните измени ќе се случат, важно е ова прашање да се отвори на лидерската средба

Скопје – Уставните измени ќе се случат, тврдам најкасно шест месеци од денеска, ќе се случат во било која комбинација, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи и порача дека затоа е важно ова прашање да се отвори и на утрешната лидерска средба.

Османи порача дека државата не може да стагнира на европскиот пат, бидејќи, како што рече, тоа е нашиот кислород и врзивно ткиво.

Ниту една влада, во било која композиција, нема да може да издржи во услови на немање европски процес,

Бујар Османи, министер за надворешни работи

–  Тоа е нашето гориво, кое што не движи напред во делот на реформите. Многу брзо откако ќе помине оваа емоција дека ние под бугарски диктат не ги правиме уставните измени со цел некој ситен политички поен, ќе сфатиме дека малите држави, па и поголемите во регионот, не можат без Европската Унија и тој систем. Ние ќе ги направиме уставните измени. Метафорички велам во шест месеци, затоа што нема да може ниту една влада, во било која композиција да издржи во услови на немање европски процес, изјави Османи. (3 декември)

Маричиќ: До 2030 можно е да се реформираат некои правила во ЕУ за да се примат нови членки

Скопје – Граѓаните ќе почувствуваат како е да се биде дел од Европската Унија многу порано од предвиденото. До 2030 година можно е да се реформираат некои правила во ЕУ за да се примат нови членки и до тогаш можно е да се реформираат нашите држави за да бидат подготвени за членство. Битно е да имаме цел, затоа што ако се пропушти овој момент, понатаму може да сметаме само на пораст на национализмот, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Бојан Маричиќ
Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања. Фото: МИА

Тој порача дека доколку го пропуштиме овој момент сега понатаму може да сметаме само на пораст на национализмот и на оние политички актери и каузи кои ги испразнија нашите држави од млади луѓе и кои не убаедуваат дека стратегијата на чекање е добра.

Маричиќ посочи дека текот на скринингот завршува следната недела при што како што рече, ќе дојдеме до една точка на исполнување на сите предуслови, со исклучок на уставните измени. (3 декември)

ЕУ ќе бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

Скопје – Советот на ЕУ формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел. Во нацрт-заклучоците, во кои Радио Слободна Европа имало увид се вели дека „Советот бара од Комисијата и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“.

Овие заклучоци треба ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември. Истите заклучоци потоа се очекува да ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември. (2 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.