Брисел – Потребна ни е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување, бидејќи тој не е само механичко прилагодување или административно спроведување на критериумите за членство, туку се повеќе и повеќе станува прашање од најважно политичко и геополитичко значење, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче во обраќањето на панелот „Практична поддршка на подготовките за пристапување во ЕУ“ во рамки на Конференцијата во организација на Програмата „Вили Брант“ за проширување на ЕУ на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) што се одржа во Брисел.
– Во овие трансформативни времиња, социјалдемократскиот одговор не само што е релевантен, туку тој е и итно неопходен врз основа на принципи и временски патокази за општествена и политичка адаптација, која ќе осигура дека никој нема да биде изоставен и ќе става приоритет на трансатлантската соработка, дигиталниот хуманизам, социјалната еднаквост и демократскиот интегритет, рече Филипче, додавајќи дека во контекст на динамичните геополитички поместувања, комплексен и суштински станува императивот за заштита на демократијата и безбедноста и за социјалдемократскиот пристап во трансатлантската соработка.
Ова, според него, не е никаде повеќе од витално значење отколку за регионот на Балканот и во нашата земја, која, како што рече, се наоѓа на крстопат меѓу европската интеграција и современите геополитички случувања.
Филипче нагласи дека е потребно Партијата на европските социјалисти и Групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент да изработат сопствена социјалдемократска агенда за проширувањето, која ќе постави јасни црвени линии базирани на социјалдемократските стандарди за исполнување на критериумите за членство.

– Дополнително, ние како социјалдемократи мора да сфатиме дека ќор-сокакот во европската интеграција на секоја од земјите кандидати не е техничко или административно прашање. Ќор-сокакот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги засилува десничарските и екстремно десничарските политички сили и им наштетува на демократскиот развој на овие земји, потенцира Филипче.
Од таму, според него, сега е време социјалдемократите да се заложат за зајакнување на пристапниот процес, кој долго време е заложник на инертноста и недостигот на визија.
– Во политиката нема празен простор. Ако европските социјалдемократи не го пополнат постоечкиот вакуум, тогаш тоа ќе го направат антидемократските и антиевропските сили, потенцира Филипче.
Според него, Северна Македонија е пример за недостиг на стратегија и напредок на европската интеграција поради билатерализација на пристапниот процес преку барањата поставени од страна на Бугарија, што придонесува за радикализација на политичката ситуација во земјава, за значително зајакнување на националистичките политички сили и за зголемување на евроскептицизмот меѓу населението.
– Ваквиот развој на настаните не само што му наштетува на процесот на евроинтеграција во мојата земја, туку исто така ја отвора вратата за малигно влијание на трети актери надвор од регионот, како Русија. Северна Македонија сега се соочува со бизарна ситуација со т.н. самонаметнато вето, затоа што новата Влада одбива да ги спроведе уставните измени за да продолжи пристапниот процес, рече Филипче. (8 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.