Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Цел на Европската комисија е Северна Македонија и Албанија да ги почната преговорите по Првиот кластер – Основи што е можно поскоро, дури ако може и следната недела и силно ја потврдуваме нашата посветеност на иднина во која сите шест партнери од Западниот Балкан ќе бидат членки на нашата Унија, изјави претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен по завршувањето на дводневниот Самит на ЕУ. 

– Новата година почнува со многу добри вести за Европската Унија и за нејзините соседи и пријатели со вчерашната одлука за чекор напред во процесот на проширување. Решивме да започнеме преговори со Украина и Молдавија, одлучивме на Грузија да и доделиме кандидатски статус, како и да ги отвориме преговорите со БиХ, кога ќе бидат постигнати неопходните барања, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека со ова ЕУ покажала дека го исполнува ветеното. (15 декември) 

Мицотакис: Грција отсекогаш беше протагонист во поддршката на европската перспектива на Западниот Балкан

Атина – Грција отсекогаш беше протагонист во поддршката на европската перспектива на Западен Балкан, го поддржува и охрабрува пристапот, но постојат и одредени правила како што е владеењето на правото, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел, говорејќи за проширувањето на Унијата и односите со Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по Самитот на ЕУ, Мицотакис повтори дека прашањето со притворениот градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белерис, не е билатерална разлика со Албанија, туку се работи за владеењето на правото. (15 декември)

Албанија ќе го преземе од Северна Македонија претседавањето со САД-Јадранската повелба

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе претседава со завршниот состанок на Партнерската комисија на САД-Јадранската повелба (А5) со кој се заокружува претседавањето на Северна Македонија со А5 за 2023 година.

Како што соопшти МНР, во фокусот на разговорите ќе бидат достигнувањата и иднината на Повелбата како и актуелните состојби во Западен Балкан.

Во иницијативата, покрај Северна Македонија, земји – членки се и Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, додека Косово, Словенија и Србија имаат статус на земји-набљудувачи. Посебна политичка тежина на иницијатива дава членството на нашиот стратешки партнер, САД. (18 декември)

Каевски: Единствени кочничари на државата на патот кон ЕУ се ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Скопје – Иако имаме успешен скрининг, иако имаме силна поддршка во Унијата и отворени врати, поради активната блокада на државата од анти-ЕУ и анти-НАТО коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица во македонското Собрание, не започна процесот на отворање поглавја, ијзваи портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

– Виновникот има име и презиме: Мицкоски и ДПМНЕ. Мицкоски ги понижи македонските граѓани и македонскиот народ. Откако пропаднаа и сите лаги со кои што го плашеа македонскиот народ, дека некој ќе ни го смени идентитетот, дека ќе сме се асимилирале и бугаризирале, сега на граѓаните им е кристално јасно: со ДПМНЕ и Левица нема Европска Унија, нема иднина, истакна Кавески. (17 декември)

Митева: Преговорите со ЕУ не почнаа поради високото ниво на криминал и корупција во државата

Скопје – Фаталната грешка од попустливата надворешна политика која ја водеше власта, ја чини Македонија ново столче и повторно тоа столче не е на масата на ЕУ, туку во чекалната, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

– Високите европски претставници сметаат дека Македонија не е спремна да ги започне преговорите со ЕУ не поради Бугарија, туку поради високото ниво на криминал и корупција во врвот на власта. Сржта на проблемот за ненапредокот на Македонија и немањето почеток на преговори со ЕУ е во немањето правна држава, поради владеењето на криминалот и несправувањето со корупцијата, изјави Митева. (17 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.