Гранада – Проширувањето претставува геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на граѓаните, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикнува вредностите на кои се базира ЕУ, се наведува во завршната Декларација на денешниот неформален Самит на ЕУ во Гранада.
Лидерите го потврдија ставот дека проширувањето ќе се врши според принципот на заслуги.
– Нема да има „скратени патеки“, нема автоматизам за членство во ЕУ. Тоа мора да е базирано на заслуги. Кога велиме базирано на заслуги, тоа не значи дека само земјите кандидати мора да ги исполнат своите обврски, туку и ние мора да ја завршиме својата домашна задача за да бидеме подготвени, доколу земјите кандидат бидат подготвени за членство, да можеме да ги примиме, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен по Самитот. (6 октомври)
Руте: Не е прашањето кога, туку дали кандидатите за членство ќе бидат подготвени за прием
Брисел – Проширување на ЕУ до 2030 година ќе биде можно доколку земјите кандидати за членство бидат подготвени за членство до тој датум, смета холандскиот премиер Марк Руте.
– Не се согласувам многу со тој датум. Прашањето не е кога земјите ќе бидат подготвени. Прашањето е дали земјите ќе бидат подготвени, изјави Руте, коментирајќи ја целта за проширување на ЕУ во 2030 година, што ја постави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Не треба да има апсолутно никакви исклучоци кога станува збор за исполнување на условите на ЕУ за зачленување,
Марк Руте, премиер на Холандија
Според Руте, проширувањето е макотрпен процес, кој бара кандидатите за членство во ЕУ да се усогласат со законодавството на Унијата за да можат да пристапат во блокот. – Не треба да има апсолутно никакви исклучоци кога станува збор за исполнување на условите на ЕУ за зачленување, додаде Руте. (7 октомври)
Пленковиќ: Не е реално сите земји кандидати заедно да влезат во Европската Унија
Гранада – Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека не е реално сите земји-кандидати заедно да влезат во Европската унија, ниту да има голем бран кога станува збор за прифаќање нови членки.
– Убеден сум во тоа. Единствено и исклучиво политиката на индивидуални заслуги на секоја земја треба да биде фундаменталниот принцип на процесот на проширување, бидејќи ако почнеме сето тоа да го ставаме на купче, тогаш некаде критериумите секогаш ќе бидат олеснети, а некаде ќе се заострат, изјави Пленковиќ по самитот на ЕУ во Гранада.
Тој додаде дека за Хрватска, Босна и Херцеговина е „најважната земја во однос на надворешната политика од сите соседни земји“. (6 октомври)
Николоски: Најмалку пет земји членки на ЕУ мислат дека не заслужуваме почеток за преговори со ЕУ, поради високото ниво на корупција
Струга – Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на дебата во Струга, насловена „Борба со криминал и корупција, темелна европска вредност“ изјави дека пет големи земји членки на ЕУ сметаат дека земјава не заслужува почеток за преговори за членство, поради, како што рече, високиот степен на криминал и корупција.
– Доколку Македонија беше според перцепција за корупција во првите 30 во светот, а не во првите 100 како што е во моментот, верувајте многу поразлично ќе изгледаше проблемот со Бугарија. Во моментот најмалку пет земји членки на ЕУ, не мислам на Германија, но мислам на останатите, мислат дека Македонија не заслужува ниту почеток за преговори за членство со ЕУ, пред се заради високо ниво на криминал и корупција, и затоа не се врши притисок врз Бугарија. Нема притисок, затоа што мислат дека државата не е спремна, рече Николоски. (8 октомври)
Маричиќ за изјавата на Николоски: Неодговорните и неточни изјави за собирање евтини политички поени скапо ќе не чинат како држава
Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја оцени како неодговорна и неточни изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски дека пет држави членки на ЕУ биле против тоа земјата да ги продолжи пристапните преговори, чија цел, е вели, собирање евтини политички поени.
– Гледам дека се даваат неодговрни и неточни изјави од страна на опозицијата дека има пет други држави од ЕУ кои имале забелешки за Северна Македонија и кои би не спречиле да продолжиме со преговорите. Тоа не е точно тоа нема никаква врска со реалноста. Ние имаме секојдневни коимуникации со сите држави членки. Никој тоа не го најавил ниту постои такво нешто. Затоа треба да ги напуштиме неодговорните изјави за собирање на евтини политички поени. Затоа што скапо ќе не чини нас како држава и како граѓани, изјави Маричиќ. (8 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.