Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Скопје порача дека уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и изрази надеж дека сите политички партии ќе ги поддржат, но и потенцира дека изборот останува на нас.

– Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување. Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум, изјави Фон дер Лајен одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

Прашана дали во ЕК веќе се разгледува француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ и дали 2030 година е достижна за ваква длабока реформа на Унијата и за земјите од Западен Балкан да го завршат својот дел од обврските, таа одговори дека „сега работите навистина се менуваат на подобро и сега гледаме вистинска динамика и момент во процесот на проширување“. (30 октомври)

Ковачевски: Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ

Скопје – Европската иднина е пред нас, бидејќи Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето по повод Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември.

Тој нагласи дека пред два дена претседателката на Европската комисија јасно и гласно порача дека ние заслужуваме да станеме дел од ЕУ.

Заслужуваме да бидеме европски граѓани, овде, дома, тука во нашата држава,

Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Република Северна Македонија

– Членството во ЕУ се базира на концептот на заслуги. Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ, а сите ние заслужуваме да бидеме европски граѓани, овде дома тука во нашата држава. Да живееме европски и да се однесуваме европски. Нашите млади луѓе, нашите деца и сите наши граѓани го очекуваат тоа од нас, истакна Ковачевски, додавајќи дека европската иднина мора да се обезбеди, пред сè за младите. (1 ноември)

Писонеро: Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е еден од приоритетите на ЕК 

Брисел – Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на земјите од Западен Балкан е јасен показател за големата важност што ЕУ му го придава на процесот на проширување, изјави денеска портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро

Ана Писонеро, портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување.

– Проширувањето, пред се со државите од Западниот Балкан, е еден од главните приоритети на Европската комисија од почетокот на нејзиниот мандат, истакна Писонеро. 

Таа нагласи дека во контекст на проширувањето е и новиот План за раст на Западен Балкан на Европската комисија, за кој Фон дер Лајен говореше при нејзините посети на земјите од регионот изминативе два дена.  

– Планот во основа треба да го забрза нивното економско поврзување со Европската Унија и да ги донесе поблиску до единствениот европски пазар, со што тие ќе имаат придобивки уште пред зачленувањето, додаде Писонеро. (31 октомври)

Фатих Туркменоглу нов претставник на ЕБОР во Северна Македонија

Скопје – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го назначи Фатих Туркменоглу за нов претставник во Северна Македонија. Тој ќе ја преземе должноста на 1 ноември.

Туркменоглу на Банката и се приклучи во 2012 година како главен банкар во тимот за општинска и еколошка инфраструктура во Истанбул. Во 2018 година е унапреден во помошник директор, постар банкар, а следната година е назаначен за Претставник на резидентната канцеларија во Туркменистан, каде воглавно работел на проекти од приватниот сектор. Тој е искусен меѓународен банкарски професионалец, со богато искуство во инфраструктурно и комерцијално банкарство. Пред да се приклучи на ЕБОР во 2012 година, има работно искуство во јавниот сектор и комерцијалното банкарство.

Според ЕБОР, Туркменоглу планира дека ЕБОР во Северна Македонија ќе инвестира 180 милиони евра во 2023 година. (31 октомври)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.