Скопје – Кипарскиот амбасадор во Северна Македонија, Андреас Фотиу, денеска, пред заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за еврпоски прашања, ги претстави приоритетите на Кипар како актуелен претседавач со ЕУ во следните шест месеци истакнувајќи дека Кипар ќе остане доследен на редовниот и отворен дијалог со Западен Балкан, а Северна Македонија останува дел од процесот на проширување со ЕУ.
Фотиу посочи дека кипарското претседателство, чие мото е „Автономна Унија отворена кон светот“, значи дека Европската Унија мора да биде автономна бидејќи една поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешните партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно почитувајќи го меѓународното право и поредок.
Кипарскиот амбасадор нагласи дека Западен Балкан останува регион од стратешко значење за ЕУ, а вклученоста на Унијата со Северна Македонија ќе продолжи со една кредибилна политика заснована на заслуги.
– Кипарското претседателство посветува внимание на редовен и отворен дијалог со Западен Балкан, а Северна Македонија останува дел од процесот на проширување на Унијата. Кипар го признава ангажманот на Северна Македонија за унапредување на реформите и во усогласувањето на европските стандарди и го охрабрува постојаниот и контиуниран напор на земјата во таа насока – рече Фотиу.
Амбасадорот ги претстави петте столба на кипарското претседавање со Унијата, според кои, посочи тој, Кипар ќе се фокусира на автономија преку безбедност и одбрана, автономија преку конкурентност, отвореност кон светот, споделени вредности и преговори за буџетот за следната финансиска рамка на ЕУ.
Новоименуваниот министер за европски прашања Беким Сали во обраќањето на седницата посочи дека европската интеграција на земјата не е адмнинистративен процес, ниту техничка агенда, туку цивилизациска определба, која ужива општествена поддршка.
– За нас. европската интеграција е јасна државна ориентација, што ги обединува власта и опозицијата, институциите и граѓаните. Во време на сериозни геополитички превирања политиката на проширување не е опција, туку неопходност, таа е и инвестиција во стабилна и автономна ЕУ. Во оваа слика Северна Македонија е дел од решениетo – рече Сали.
Тој истакна дека земјата во контиунитет покажува дека е кредибилен и одговорен партнер со ЕУ.
Според него, процесот на пристапување не е лесен, затоа пристапувањето кон реформите земјава не го третира како надворешно наметната обврска, туку како внатрешно прашање. Тоа, вели Сали, е наш свесен политички избор да ги зацврстиме државата и инстиционалните капацитети.
– За нас, проширувањето на ЕУ е нераскинлив дел од оваа визија. Европа не може да биде целосна ако Западен Балкан остане на маргините, Северна Македонија е подготвена да ја затвори таа европска политичка празнина и да стане дел од тие договори. Затоа денеска упатуваме јасна порака – Северна Македонија е подготвена и ова е момент на политичка зрелост и на Северна Македонија и на ЕУ, момент што ниту ние ниту ЕУ не смее да го пропушти – нагласи Сали. (26 јануари 2026)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
