Брисел – Во текот на 2025 година биле откриени речиси 178.000 илегални преминувања на надворешните граници на ЕУ, што претставува намалување за 26 отсто во споредба со претходната година, покажуваат првичните податоци на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) за минатата година, објавени денеска.
Според Фронтекс, бројката од 178.000 илегални преминувања е за речиси половина помала во споредба со онаа во 2023 година и е на најниското ниво од 2021 година.
– Фронтекс работи заедно со националните власти преку заеднички операции, воздушен и поморски надзор, техничка поддршка и споделена свест за ситуацијата. Соработката со земјите партнери надвор од ЕУ исто така игра важна улога, особено на Западен Балкан, каде што поблиската оперативна соработка помогна да се намали притисокот и да се прекинат мрежите за шверцување – посочува Агенцијата.
Извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, изјави дека ваквиот тренд покажува оти работите се движи во вистинската насока, но дека ризиците сепак не исчезнуваат.
– Овој намалување покажува дека соработката може да даде резултати. Но, тоа не е покана за опуштање. Наша одговорност е да останеме будни, да ги поддржуваме земјите членки на терен и да осигуриме дека Европа е подготвена за нови предизвици на своите граници – рече Лајтенс.
Според него, подготвеноста и можноста за контрола на границите е поврзана со практични избори.
– Тоа значи службеници на должност, подготвени средства и тесна соработка со националните власти и партнери надвор од ЕУ. Така Фронтекс ѝ помага на Европа да остане подготвена за сè што следува – додаде Лајтенс.
Во извештајот на Фронтекс се нагласува дека и покрај значајното намалување на илегалните гранични преминувања, ситуацијата на границите на Европа останува неизвесна, а миграцискиот притисок може бргу да се менува под влијание на конфликти, нестабилност и мрежите за шверцување луѓе.
– Европската Унија веќе се справува со обидите на непријателските актери да ги искористат миграциските текови за да извршат притисок врз надворешните граници на ЕУ. Гледајќи кон иднината, 2026 година ќе биде клучна година за управувањето со европските граници – смета Фронтекс.
Според Агенцијата, пактот на ЕУ за миграција и азил, кој треба да стапи во сила во јуни годинава, ја означува најдалекосежната реформа на европскиот систем за миграција и азил во последните години и ќе се совпадне со големите промени во контролата на европските граници, вклучително и со целосното воведување на Системот за влез и излез (ЕЕС) и планираното воведувањена Европскиот систем за информации и авторизација за патување (ЕТИАС), предвиден за годинава.
– Доколку нема голема геополитичка ескалација во непосредното соседство на ЕУ, би можел да продолжи трендот на намалување на илегалната миграција кон Европа преку копнените и морските граници почнат од 2023 година. Ова ќе зависи од одржливата соработка со земјите на потекло и транзит, како и од способноста на Европа да остане подготвена за ненадејни промени, заклучува Фронтекс. (15 јануари 2026)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
