Брисел – Секретаријатот на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западниот Балкан (ВБ6 ЦИФ) во Брисел потпишаа Меморандум за разбирање насочен кон соработката со деловните субјекти и зајакнување на нивната улога во регионалната економска интеграција.
Меморандумот има за цел да ги постави основите за посилна соработка и размена на информации кои ќе поттикнат создавање на заеднички регионален пазар под закрила на Берлинскиот процес и со него двете страни ја покажуваат својата посветеност за промовирање на ефикасни трговски текови меѓу членките на ЦЕФТА и поттикнувањето на регионалната економска интеграција.
Со координирање на напорите, Секретаријатот на ЦЕФТА и ВБ6 ЦИФ имаат за цел да го поддржат навременото и ефикасно спроведување на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар и Планот на Европската комисија за раст за Западниот Балкан, поттикнувајќи го усогласувањето на земјите од регионот со Европската Унија.
Клучните елементи на оваа соработка опфаќаат зајакнување на јавно-приватниот дијалог, промовирање на олеснувања во трговијата, поддршка на дигитализацијата и организирање заеднички настани за зголемување на видливоста на реформските процеси кои го промовираат единствениот пазар и инвестициските дестинации на Западниот Балкан.
Со Меморандумот се предвидува взаемна корист преку заеднички напори и експертиза во следните четири години. (29 април)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.