Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Спроведувањето на плановите опфатени со Стратегијата за паметна специјализација ќе донесе раст на економијата и подобар живот во земјата и ќе придонесе за исполнување на стандардите за влез во Европската Унија, изјави за МИА министерката за образование и наука Весна Јаневска, која во Брисел учествуваше на Конференција посветена на стратегиите за паметна специјализација во процесот на проширување на ЕУ

– Имам впечаток дека на сите граѓани не им е јасно што всушност претставува паметната специјализација и колку е тоа важен елемент во нашата земја. Со Стратегијата за паметна специјализација со помош на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ) се одредени најсилните економски делови на земјата кои треба да се развиваат за да ја подобрат економијата. Значи економијата и растот на економијата во Македонија е поврзана со спроведување на паметната специјализација, рече Јаневска, која го најави и формирањето на првата Канцеларија за паметна специјализација во рамките на МОН.

Таа додаде дека заклучокот од она што можела да го слушне од нејзини колеги учесници на Конферецијата од останатите земји од регионот, е дека сите држави од Западниот Балкан сериозно ја сфатиле работата и се обидуваат да ги исполнат условите што ги бара ЕУ за реализација на паметната специјализација.

Според неа, иновацијата не значи измислување нешто ново или некакви нови патенти, туку подобрување на сите процеси и нивна дигитализација и движење во правец на зелената агенда и дигиталната трансформација, со цел да можеме да се вклучиме во процесите на Европската Унија.

Таа потенцира дека во сите овие процеси на земјава значително и помага Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (ЈРЦ), кој всушност претставува научен центар, преку кој Европската Унија ги гради сите останати политики.

– Ние нема да се вклучиме во ЕУ, сè додека не постигнеме да работиме на ист принцип како и Унијата, додаде Јаневска.

Во однос на последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава на европскиот пат објавен на почетокот на минатиот месец, Јаневска посочи дека во областа на образованието и науката добивме релативно добри оценки, особено за науката.

– За образованието не добивме посакувани, но сепак релативно добри оценки. Јас како министер, што ми е и обврска, вложив приговор до Европската комисија дека некои елементи не биле ценети. Го разбирам тоа, затоа што извештајот се подготвува некаде во мај, а до неговото објавување ние дополнително веќе исполнивме и други индикатори, потенцира Јаневска.

Таа потенцира дека ЈРЦ во моментов има отворен конкурс за стипендирање на научници, на кој, според нејзини сознанија, веќе аплицирале девет наши истражувачи.

– Апелирам да се пријавуваат и други. Дополнително, догодина планираме да објавиме конкурс за финансирање на научници што ќе работат во ЈРЦ и ќе се вратат во земјата и ќе помогнат во иновацијата на процесите, што би требало да ја подобрат економијата, истакна Јаневска за МИА.  (3 декември 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.