Скопје – Техничкиот премиер Талат Џафери во Владата се сретна со делегацијата на Европскиот парламент за набљудување на изборите.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата биле потенцирани сеопфатните чекори кои беа преземени за изборниот процес да се одржи на демократски, фер и транспарентен начин. Џафери истакнал дека првиот круг од претседателските избори, поминал во мирна и демократска атмосфера, и дека за вториот круг на претседателските и изборите за пратеници во Собранието, се преземени сите мерки за тие да поминат во иста таква атмосфера.
Соговорниците на средбата споделија став дека овие избори, нема само да определат кој ќе биде на власт во Северна Македонија, туку ќе ја одредат иднината и правецот на движење на државата.Тие истакнале дека Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија и конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.
Џафери на средбата истакнал дека, Владата е фокусирана на активностите за успешно реализирање и ја усвои ажурираната верзија на нацрт Реформската агенда, со мерки и чекори и истата е споделена со Европската комисија.
– На средбата беше истакнато дека, за Северна Македонија, е од големо значење да не бидат залудни постигнатите резултати од претходните години и во оваа насока, поддршката на проевропските сили во земјава е од голема важност, се посочува во соопштението. (8 мај)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.