Брисел – Процесот на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, случувањата во земјата во пресрет на претседателските и парламентарни избори, како и состојбите во регионот, беа главни теми на средбата на техничкиот премиер Талат Џафери и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен одржана доцна попладнево во Брисел.
На средбата на која Џафери беше придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, е констатирано дека Северна Македонија постигна голем напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
Џафери истакна дека Владата во следниот период ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ, како и дека ја подржува започнатата постапка за промена на Уставот и посветено ќе работи на обезбедувањето на потребното мнозинство. (14 февруари)
Џафери за МИА: Опстојуваме на европскиот пат и имаме обврска да спроведеме фер и демократски избори
Брисел – Владата, односно владиното мнозинството, и граѓаните на Република Северна Македонија опстојуваат на европскиот пат и се посветени на определбите за остварување на предусловите коишто ќе ни го отворат патот и конечно да го заокружиме нашето патување кон полноправното членство во Европската унија.
Ова е пораката што претседателот на техничката Влада, Талат Џафери им ја пренесе на претставниците на институциите на ЕУ при денешните негови средби во Брисел.
– Во тој контекст е зацртано мојата прва посетата да биде на Европската Унија, за да се покаже и практично да се пренесе определбата и заложбата за исполнување на сите предуслови за да можеме да продолжиме кон европскиот пат, изјави Џафери за МИА по средбата со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. (14 февруари)
Маричиќ: Проширување на ЕУ е високо на агендата на белгиското претседателство
Брисел – Белгиското претседателство со Советот на ЕУ дава поддршка на се она што го прави Северна Македонија на патот кон членство во Европската Унија, изјави за МИА првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ по денешната средба во Брисел со министерка за надворешни работи на Белгија, Хаџа Лабиб.
– Добивме уверување дека темата проширување е високо на агендата на белгиското претседателство, дека сите прашања поврзани со Западен Балкан и со проширувањето ќе се најдат на дневниот ред во овие шест месеци, ќе се дискутираат и патоказите коишто ги доставивме и коишто треба да ги комплетираме во овој период, а ќе се дискутираат и прашањата поврзани со Планот за раст, истакна Маричиќ.
Тој посочи дека на средбата укажал при тоа треба да се внимава на сите аспекти, вклучувајќи ги и доследно следење на текстот на Преговарачката рамка, како и заклучоците на Советот на ЕУ. (13 февруари)
Пендаровски: ЕУ првпат реагираше за злоупотреба на европското знаменце за Законот за игри на среќа
Скопје – Претседателот Стево Пендаровски вели дека никогаш, за ниту еден закон, Европската унија писмено не реагирала да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто тој закон да биде донесен, како што ЕУ постапи сега, во овој случај, во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
Пендаровски во соопштението од неговиот Кабинет посочува дека дописот во кој јасно се назначува дека не е почитувана процедурата, односно писмото од Европската Унија пред да биде испратено до Претседателот, е исто така испратено и до Владата и до Собранието.
-Вицепремиерот Артан Груби како и сите членови на Владата би требало да се запознаени со овој допис, истакнува Пендаровски. (15 февруари)
Петровска за МИА: Нашата безбедност благодарение на членството во НАТО е доказ за важноста од носењето вистински одлуки во предизвикувачки времиња
Брисел – Благодарение на онаа храбра историска одлука што беше донесена во нашата држава за да се приклучиме во НАТО, денес не постојат ризици кои можеби директно би влијаеле на безбедноста по нашата земја од конвенционален аспект, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за МИА.
– Оваа одлука покажува колку е важно државниците во одредени времиња, предизвикувачки времиња за нашата држава, да ги носат вистинските и исправни одлуки, нагласи Петровска во интервјуто дадено по завршувањето на вчерашното заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана во Брисел. (16 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.