Направен првиот чекор за пристапување кон ЕУ, почнува скринингот
Скопје – Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција и почетокот на скрининг процесот, Северна Македонија по 17 години чекање го направи првиот чекор кон пристапување во Европската Унија.
– Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја, изјави премиерот Димитар Ковачевски во вторникот по одржувањето конференцијата.
Втората Меѓувладина конференција, со која ќе почне процесот на преговори по кластери и поглавја, ќе се одржи по завршувањето на скринингот, и по промената на Уставот која налага вметнување на бугарската заедница во него, за што е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот. (21 јули)
ЕК уверува дека работи со „светлосна брзина“ за финализирање на Фронтекс со С.Македонија
Брисел – Во Европската Комисија и во Советот на ЕУ велат дека по компромисот со Бугарија, деблокирањето на договорот за Фронтекс со Северна Македонија ќе се третира приоритетно.
Северна Македонија овој договор со ЕУ го иницираше во 2018, но во меѓувреме Фронтекс (т.е. Европската гранична и крајбрежна агенција која ги “чува“ границите на ЕУ„) претрпе повеќе законски и правни измени, кои мораат сега да бидат предмет на повторни преговори. Договорот не беше ратификуван поради бугарската блокада поврзана за употребата на македонскиот јазик во договорот.
Главните измени кои сега треба да се внесат во договорот се однесуваат, меѓу другото, на дозволата за распоредување на агенцијата во земји кои не се членки на ЕУ мониторинг на човековите права, посебно откако оваа агенција беше предмет на повеќе скандали.
Се очекува Европската Комисија брзо да издаде препораката за преговори, и Советот да даде зелено светло за преговори. Надежта дека меѓу оваа есен и крајот на годината договорот би бил финализиран, а потоа и ратификуван. (19 јули)
Топлотен бран до среда, ранливите граѓани ослободени од работа
Скопје – До среда Северна Македонија ќе биде под влијание на топол бран во активно портокаловото ниво на опасност од високи температури, кои ќе достигнат и до 40 степени.
Владата во петок ги измени препораките поврзани со високите временски температури, со што до 27 јули ослободени од работа се ранливите групи граѓани, меѓу кои и трудници и лицата над 60 години. Во градинките се препорачува да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата надвор од 11 до 17 часот. На институциите им се препорачува пружање помош на осамени, стари и изнемоштени лица и на бездомници.
Упатен е и апел за внимателно движење во шумите и избегнување дејствија кои може да предизвикаат пожар. Од удари на гром синоќа беа предизвикани два пожари во Кумановско, а во текот на денот пожари гореа и во Беровско, Кичевско, Велешко, Гевгелиско и Делчевско. (25 јули)
Оформен предмет во обвинителството за болницата “Жан Митрев„
Скопје – Обвинителството по допрен глас оформи предмет, по сторијата на истражувачката новинарска мрежа, ИРЛ, за клиничките тестирања на хемофилтрацијата врз Ковид пациенти во болницата „Жан Митрев“. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлгуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето.
Истражувањето на ИРЛ преку сведоштвото на семејството Брезев покажа дека приватна болница, која има најмногу пациенти за време на Ковид-19 пандемијата и во која лекувањето беше исклучително скапо, го применува методот на хемофилтирација, кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Пациентите не знаеле дека се предмет на клиничко испитување, а им била нудена хемофилтрација како единствен спас од вирусот за илјадници евра. (18 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.