Скопје – Северна Македонија сега е во една ситуација која треба да се искористи, во едни поинакви геополитички околности кои го поставуваат прашањето на проширувањето повисоко на дневниот ред на некои други институции на Европската унија, не само во Европскиот Парламент, изјави за МИА европратеникот Карло Реслер, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Реслер, кој беше во Скопје во изминатите два дена заедно со неговите колеги од ЕП членови на Мешовитиот парламентарен комитет, рече дека тие се увериле во преданоста на Северна Македонија на европскиот пат и дека клучната порака на делегацијата што ја предводел била сите да се насочиме кон иднината.
– Јасно е дека по две десетлетија како земја – кандидатка, во Северна Македонија се чувствува и фрустрација после цела низа тешки и билатерални прашања кои без никакво сомнение и, во голем дел, разбирливо ја тестира довербата и трпението на македонското општество, нагласува Реслер.
Во таков контекст, потенцира тој, сега треба да се искористи можноста бидејќи не е јасно до кога ќе бидат вакви околностите. – А тоа се работи со конкретни резултати, со реформи. Разговаравме и со претседателот на Владата и со претседателот на Собранието, рече европратеникот.
На прашањето дали по промената на американската администрација и новите геополитички поместување може да се очекува ЕУ да го забрза процесот на интеграција, Реслер се согласува дека тоа прашање станува поважно од порано.
– Цела Европа живее во еден се поопасен свет каде тектонски промени се случуваат преку ноќ и во таков контекст прашањето на проширувањето, да, станува поважно од порано. И исто така свесноста е поголема дека меѓу Хрватска и Грција не се наоѓа некаков сив, црн простор туку дека се наоѓа некаков интегративен дел на Европа и дека вистинскиот процес на европската интеграција ќе биде завршен кога сите шест држави од Западниот Балкан – Југоисточниот дел на Европа бидат интегрирани во европското семејство. Мислам дека таков императив, таква свест постои, вели хрватскиот европратеник. (1 март)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.