Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна навам, истакна претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, во обраќање пред пратениците во македонското Собрание. 

Тој укажа дека светот глобално политички се менува, дека станува се поопасен и на удар се вредностите, а во контекст на новите околности со војната во Украина, истакна дека „овие денови и над  ЕУ и над НАТО  се надвиснуваат сиви облаци“ и оти „можеби од почетокот на нивното основање, ова е најголемата пресвртница за двете организации“.

– Не знаеме како ќе изгледа нивната иднина и затоа е многу важно да се вложува голем труд, да се воспостави траен светски мир. Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина, истакна Јандроковиќ, додавајќи дека не може да се наруши меѓународниот поредок, затоа што тоа ќе биде неверојатен преседан што ќе создаде нестабилност и ќе значи оправдување на агресија.

Претседателот на Хрватскиот сабор порача дека се поопасното глобално опкружување потврдува дека е важно да се воспостави уште поблиска соработка меѓу пријателите.

– Република Северна Македонија и Република Хрватска се тоа. Важно е да продолжиме со соработка на билатерален и мултилатерален план. И тоа е целта на мојата посета. Тоа се случува во важен момент – за три недели се прославува воспоставувањето на нашите дипломатски односи, како и сојузништвото што го остваривме во НАТО. Се надеваме дека нашето партнерство во НАТО ќе биде надградено и со вашето членство во Европската Унија, рече Јандроковиќ. (6 март) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.