Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Пред нас е важен период кога мораме да покажеме политичка волја, лидерство и посветеност за спроведување на реформите, а Европската Унија и нејзините институции треба да продолжат да ја поддржуваат оваа амбиција, да покажат лидерство во решавањето на билатералните и регионалните проблеми и да ја продолжат својата поддршка на патот на интеграцијата на Западниот Балкан, истакна министерот за правда Игор Филков на меѓународната конференција „Кон ЕУ: Зајакнување на интегритетот и независноста на кривичната правда во Западниот Балкан“ што се одржува во Љубљана.

Тој посочи дека доаѓа од држава и нација, која веќе речиси две децении упорно се бори за своето место во Европската Унија.

– На патот кон оваа крајна цел, соочени сме со многу предизвици и услови кои мораме да ги исполниме. Но, како што сите знаеме, билатералните недоразбирања и спорови со нашиот сосед станаа најголемата пречка за нашите европски перспективи. И ќе се согласите сите дека овие практики се спротивни на вредностите на Европската Унија, вредности кои се темел на интеграција, соработка и почитување на правото, истакна Филков.

Токму поради ова, како што нагласи тој, сега е моментот кога Европската Унија мора да покаже вистинско лидерство и политичка волја и да стене јасно дека постои подготвеност за отстранување на билатералните спорови помеѓу кандидатите за членство во ЕУ и земјите членки во името на регионалната стабилност и европската интеграција.

Според него, сега е вистинскиот момент да се стави акцент на глобалната слика и на новата политичка реалност во која се наоѓа современото општество.

– Европската Унија мора да покаже дека е подготвена за нови предизвици и дека има капацитет да опстои како силна, обединета и глобално конкурентна унија. Овој момент не смееме да го пропуштиме. Потребно е да чекориме заедно. Веќе е се поизвесно дека нема да има повторни шанси да се вратиме на истата патека. Повеќе време за губење – немаме! Европа не чека!”, рече во своето обраќање македонскиот министер за правда. (10 март)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.