Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска не ја коментираше изјавата на известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, во која тој оцени дека повикот од Владата членови на Судскиот совет да поднесат оставки е „притисок и загрижувачки знак за политичко мешање во судството“.
На новинарско прашање дали смета дека ваквата порака од Вајц ќе влијае врз заклучоците во следниот извештај на Европската комисија за напредокот земјава, премиерот одговори тоа е одлука на известувачот Вајц и на Комисијата, но оти треба да го забележат и да го стават во својот извештај и напредокот за десет места на Индексот за демократија на „Економист“ за 2024 година и тоа што „повеќе не сме хибриден режим“.
– Со известувачот имавме многу плоден и корисен состанок кога беше тука. Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но, мене ме радува фактот што после многу години не сме повеќе хибриден режим според „Економист“. На 27 февруари излезе податок, чекав да видам да се пренесе, но очигледно се пренесуваат овие, а добрите вести не се пренесуваат, изјави Мицкоски.
Според него, земјата напредувала десет места на скалата и сега веќе не е во грушата на „хибридни режими“.
– Сега сме малку погоре, за разлика од другите земји од соседството коишто бележат опаѓање. Ајде да се радуваме на овој успех и да им кажеме на граѓаните дека не сме повеќе хибриден режим, според „Економист“, туку дека сме ја унапредиле демократијата. Мислам дека тоа треба и самата Европска Унија и известувачот да го забележат и да го стават во својот извештај, истакна премиерот.
Веста за напредокот тој претходно денеска ја соопшти на Фејсбук со порака дека „бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“, наоѓајќи се на 62 место на листата“.
– Зад Македонија се најдоа Србија, Албанија и БиХ. Во 2023-та и 2022-та Македонија се наоѓаше на 72-то место на листата на еминентниот „Економист“ во однос на Индексот на листата за демократија. Продолжуваме заедно да работиме и да ја нормализираме државата. Македонија ќе биде повторно ваша!, објави претседателот на Владата. (14 март)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.