Скопје – Владата ќе преземе важни иницијативи за стабилизација на ИПА структурите и за решавање на наследените проблеми од претходниот период, меѓу кои се високата флуктуација на професионалниот кадар, задоцнетите постапки за јавни набавки и значителните отстапки во секторите транспорт и животна средина, соопшти министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој копретседаваше со третиот состанок на Мониторинг комитетот за Инструментот за претпристапна помош ИПА III.
Муртезани, кој е на национален координатор за ИПА, ги нагласи актуелните политички и технички предизвици поврзани со ефикасното искористување на европските фондови. Тој потенцира дека до крајот на 2024 година, искористените средства за ИПА II достигнале 71 отсто, додека искористеноста од ИПА III е на ниво од 31,37 проценти.
Министерот Муртезани укажа на важноста од интензивирање на имплементацијата на тековните програми за да се избегне неискористување на ИПА средствата во иднина. Се осврна и на мерките за зајакнување на административните капацитети и најави интензивен ангажман за системско решение на политиките за задржување и континуирана обука на државните службеници. Тој посочи дека Министерството за европски прашања работи на воспоставување Академија за ЕУ, чија задача ќе биде обезбедување квалитетна и одржлива обука за кадарот ангажиран во ИПА структурата.
Копретседавачката со состанокот Валентина Суперти, раководителка на одделение при Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ) при Европската комисија се осврна на важноста од јасно дефинирани обврски и активности за надминување на сегашните предизвици во управувањето со ИПА програмите.
Мониторинг комитетот за ИПА е највисокото надзорно тело за сите ИПА програми и има задача да обезбеди ефективна, транспарентна и усогласена реализација на европската претпристапна помош во Северна Македонија, во согласност со Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија. (2 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
