Скопје – Во рамки на големата еколошка иницијатива што скопската Општина Кисела Вода ја спроведува во сите училишта и градинки, денеска беше организирана акција за садасување на дрвца-чинари во ООУ „Кузман Шапкарев“, реализирана со поддршка на Канцеларијата за проектни услуги во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, финансиран од Европската Унија, која и ги донираше садниците.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој присуствуваше на акцијата изјави дека засадувањето на секое дрвце е инвестиција во иднината на децата деца.
– Како Општина, континуирано работиме на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина. Оваа донација е особено значајна бидејќи се насочува токму кон училиштата и градинките – местата каде нашите деца растат и се образуваат, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека покрај бројните акции за пошумување, во сите училишта Општината постави прочистувачи на воздух, а во поголемите паркови на отворено и надворешни пречистувачи, достапни за сите граѓани.
– Нашата заложба за чиста и здрава животна средина нема да запре овде. Продолжуваме со реализација на еколошки проекти кои ќе донесат подобри услови за сите жители на Кисела Вода, додаде градоначалникот.
Ѓорѓиевски, воедно, изрази голема благодарност до Европската Унија и Канцеларијата за проектни услуги за донацијата и поддршката на иницијативата.
– Овој проект е уште еден доказ дека со ЕУ споделуваме исти вредности – грижа за животната средина и за здравјето на идните генерации. Благодарност до сите што придонесуваат за оваа благородна цел. Заедно создаваме почиста, позелена и поздрава Кисела Вода, додаде Ѓорѓиевски. (4 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
