Скопје – Пет дена траат протестите под мотото „Ултиматум-Не благодарам“ во Скопје против францускиот предлог за преговарачка рамка со ЕУ. За денеска е најавен нов протест во главниот град.
Протестите започнаа мирно на 2 јули со барање да се отфрли “францускиот предлог“, демонстрантите сметаат дека овој предлог за преговарачка рамка е небалансиран за Северна Македонија и во полза на барањат од Бугарија.
На 4 јули дел од демонстрантите посегнаа по насилни методи, и ги урнаа заштитните огради пред Владата и Собранието. Ескалација имаше во вторникот пред Собранието кога дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), биле повредени 47 полицајци, а приведени 11 демонстранти. Причинета е и материјална штета на неколку објекти на државни институции.
Насилен инцидент се случи и вчера кога дојде до вербални дофрлања меѓу демонстрантите и група млади луѓе при што беше употребено и огнено оружје. Истата вечер е приведено лицето кое го употреби огненото оружје во правец на демонстрантите. Владата, Претседателот и опозицијата го осудија насилството на протестите.
Протестите против “францускиот предлог“ немаат официјален организатор, а се поддржани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Вечерва е најавен нов собир пред Владата, Министерството за правда и Собранието. (7 јули)
Политичките партии со различни ставови околу “францускиот предлог“ за ЕУ
Скопје – Францускиот предлог за преговарачката рамка вчера беше на дневен ред на средбата меѓу партиските работни групи, на која требаше да се разменат идеи околу тоа како во наредната фаза да постапат и Собранието и Владата. Како што изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата, иако на неа биле изнесени различни ставови по многу прашања, таа минала во конструктивен дух.
– Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема, изјави Маричиќ, посочувајќи дека на соговорниците им ги објасниле и механизмите за заштита на нашиот национален идентитет.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ од своја страна изнесе серија забелешки за францускиот предлог за преговарачката рамка, како што е отфрлањето на условот за промена на Уставот пред отворањето на поглавјата и отстранувањето на унилатералните декларации на Северна Македонија и Бугарија за македонскиот јазик, меѓу другото. (6 јули)
Мишел: Северна Македонија припаѓа во ЕУ, одлуката за ова е ваш суверен избор
Скопје – Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, ја посети Северна Македонија на 5 јули во пресрет на преговорите помеѓу политичките партии за францускиот предлог за преговарачката рамка ЕУ-Северна Македонија.
Претседателот Мишел на прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски порача дека “Северна Македонија припаѓа во ЕУ“ и дека ЕУ и Северна Македонија се наоѓаат “заедно на почетокот на пробив, на започнувањето на преговорите“.
-Одлуката за ова е кај Вас, тоа е ваш суверен избор, изјави Шарл Мишел.
Оваа можност, според Мишел, е премногу важна за да се пропушти, нагласувајќи дека никогаш „не сме биле толку блиску„.
– Македонци, имате историска можност да кажете да, на почетокот на преговорите, да на ЕУ, да за нашите деца. Вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето, рече претседателот Мишел пред новинарите. (5 јули)
Пораст на КОВИД случаите поради зголемената раздвиженост и малиот процент вакцинирани
Скопје – Зголемувањето на ковид позитивните пациенти периодов се должи на зголемената раздвиженост, мал процент на вакцинирани против коронавирусот и опаѓање на имунитетот, ова за МИА го изјави директорката на Универзитетска Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ.
Во моментов, како што информираше хоспитализирани се десет пациенти на Инфективната клиника и само неколку се со тешка клиничка слика.
-Тоа што може да се забележи е дека за разлика од претходните денови, сега има по 20 пациенти дневно за преглед, вели Стевановиќ. (5 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.