Скопје – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска присуствуваа на овогодинешниот 55-ти меѓународен Саем на вино „Винитали“, кој се одржува од 2 до 5 април 2023 година во Верона, Италија.
Лидерите, на саемот, беа пречекани и остварија средба со потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани и претседателот на италијанскиот регион Венето, Лука Заја, со кои заедно беа во обиколка на саемот, пришто ги посетија халите и штандовите на регионите Венето и Лацио, како и заедничкиот штанд на земјите од Отворен Балкан.
На заедничкиот штанд „Wine vision by Open Balkan“ на саемот „Винитали“, беа презентирани најквалитетните вина од Северна Македонија, Србија и Албанија, а на саемот беа присутни и сомелиерите од овие земји. На штандот присуствуваа и двајцата премиери на Северна Македонија и Албанија, Ковачевски и Рама, како и претседателот на Србија, Вучиќ, заедно со нивните домаќини од Италија. (2 март)
Бектеши: Ќе предложиме замрзнување на цените на зеленчукот и овошјето
Тетово – Министерството за економијата направи анализи и ќе достави предлог одлука до Владата на следната седница да одреди замрзнување на цените на зеленчукот и овошјето, најави министерот Крешник Бектеши. Тој рече дека ќе бидат опфатени над десет производи.
-Вчера во текот на денот се завршени сите анализи во Министерството за економија согласно податоците добиени од страна на Царинската управа, а воедно и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во однос на замрзнување на цените за овошјето и зеленчукот. Предлог на Министерството за економија ќе биде замрзнување или определување највисоки цени во делот на овошјето и зеленчукот и тоа секако дека е направено во согласност и со МЗШВ. Ќе бидат опфатени над десет производи на овошје и на зеленчук имајќи ги предвид податоците за месец март, каде што за жал е утврдено дека одредени трговци на овие видови производи имале големи маржи што надминувале 100 – 200 проценти за одредени производи, рече Крешник Бектеши од Тетово. (1 март)
Пендаровски: Промената на Уставот треба да почне најдоцна следниот месец
Скопје – Ако скратувањето на мојот мандат од неколку месеци и помогне на државата да напредува во демократијата или интеграциите, уште денеска ќе поднесам оставка, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.
Во вечерашното гостување на „Трилинг“, Пендаровски истакна дека постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна идниот месец, а единствен начин за да се дојде до две третини, како што напомена, е дебата со опозицијата.
-Јас би преферирал постапката за промена на Уставот да почне овој или најдоцна другиот месец и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на Парламентот, зашто потоа полека влегуваме во предизборна атмосфера и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до две третини и промена на Уставот сега во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата, рече Пендаровски. (31 март)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.