Скопје – Тешките времиња може да бидат можност за да извлечеме вистински лекции, да се посветиме на дела и да ги подобриме работите на долг рок. Токму ова го направија основачите на ЕУ пред 75 години. Токму ова го бараат граѓаните на ЕУ. Токму ова го бараат и граѓаните на Северна Македонија, особено младите. Во првите девет месеци од мојот престој во земјата, се среќавав многу често со млади, каде и да патував. Тие беа едногласни, не гледаат друга иднина освен да станат граѓани на семејството на ЕУ, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на приемот по повод 9 Мај – Денот на Европа, кој се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје.
На приемот, на кој присустуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министри, градоначалници, пратеници, амбасадори на земји-членки, на други држави, претставници на медиумите, евроамбасадорот потенцира дека оваа година Денот на Европа се одржува помалку од два месеци по невидената трагедија во Кочани, во услови на континуирани геополитички превирања, но и во време на заедничка посветеност и видливи чекори за подобрување на работите – за земјата и за Европа како целина.
– Оваа година одбележуваме 75 години од Шумановата декларација. Визија родена по најкрвавата војна во историјата на човештвото, која ги зближи поранешните противници кои ги оставија зад себе споровите од минатото. Идеја што навести нова ера на мир, интеграција и демократска соработка во Европа. Денес, оваа визија е фундаментално оспорена од бруталната агресивна војна на Русија против Украина. Русија го врати на европско тло теророт и уништувањето од воен конфликт, обидувајќи се да ја лиши Украина од делови од нејзината територија и од сувереното право да ја избере својата иднина. Руските напади неселективно убиваат мажи, жени и деца, што е очигледно кршење на меѓународното право. Соочени со агресијата, украинскиот народ покажа херојска храброст за да ја брани својата земја, а со тоа ја брани и слободата на цела Европа. Им оддаваме почит на сите оние кои ги жртвуваа своите животи и ги загубија најблиските во оваа борба. Слава Украини!, порача Рокас.
Тој истакна дека во сржта на Шумановата декларација е аспирацијата за заедничка работа, за постигнување на заемни вредности и солидарност, за доброто на граѓаните.
Во својот говор тој се осврна и на реформите кај нас, нагласувајќи дека Планот за раст му дава голем поттик на овој процес. Евроамбасадсорот потенцира дека земјата беше прва држава од Западен Балкан што ги потпишала потребните договори и ги добила средствата за предфинансирање од Планот за раст, благодарение на Реформската агенда, која, како што посочи беше составена со конструктивен ангажман на две различни влади и два различни состави на Парламентот.
– Истата посветеност е потребна и за претворање на Реформската агенда во реалност. Тоа ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ пред пристапувањето, рече Рокас.
Нагласи дека тие придобивки се премостување на јазот во развојот, постепен пристап кон Единствениот пазар на ЕУ и видливи резултати во областа на основните вредности – владеењето на правото и борбата против корупција, вклучително и во функционирањето на институциите, во владеењето, во зелената транзиција и одржливиот развој. Ова се аспирации, додаде тој, што очигледно ги сакаат граѓаните и бизнисите, бидејќи тие со нетрпение сакаат да ја видат својата земја како членка на ЕУ.
– Оваа аспирација бара храброст, прагматизам и национално единство за да се постигне. Како што неодамна изјави комесарката Марта Кос, „ајде да размислуваме смело“ – бидејќи „нашата Унија отсекогаш ја граделе оние што се осмелиле да размислуваат надвор од ограничувањата на своето време“. Ова важи за сите – лидерите на ЕУ, политичките елити на земјите-кандидатки и за сите наши граѓани, порача евромбасадорот Михалис Рокас, на вчерашниот прием по повод Денот на Европа, кој оваа година беше организиран во тесна соработка со Европската инвестициска банка. (9 мај 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
