Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Со панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со положување цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ од страна на бројни делегации и граѓани, денеска се одбележаа 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

Цвеќе на неговото вечно почивалиште положија претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бројни други делегации.

На чествувањето оваа година не пристигнаше официјална делегација од Софија. На 27 април годинава, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, рече дека не е постигнат договор со Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години. (4 мај)

Ковачевски од СБ на ОН: Северна Македонија e пример за решавање на отвoрени прашањa дома и со соседите

Њујорк – Премиерот Димитар Ковачевски се обрати денеска пред Советот за безбедност на ОН како прв македонски премиер кој зборувал пред советот, а на тема новата агенда за мир предложена од генералнот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Ковачевски се обрати во чест на 30 годишнината од членството на Северна Македонија во ОН.

Темата мир е насушна во контекст на руската агресија во Украина, и Ковачевски рече дека Северна Македонија отсекогаш била пример за решавање на конфликти и отворени прашања дома и со соседите.

Обраќајќи се до Швајцарија како непостојан претседавач со СБ, премиерот истакна дека ОН и мултилатералниот систем во минатото се покажале ефикасни за придонесување кон мирот во светот. (3 мај)

Гир: И покрај притисоците и заканите, новинарите ревносно и професионално си ја извршуваат работата

Скопје – На Светскиот ден на слободата на медиумите, го славиме новинарството и неговата етична улога за зачувување на слободата на изразување за промоција на отворени општества и јавна одговорност. Постоењето на слободни и плуралистични медиуми е витално за демократијата и за севкупната отпорност на сите општества, порача евроамбасадорот Дејвид Гир на крводарителската акција по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Црвениот Крст на Град Скопје и Здружението на новинари на Македонија.

-Оваа година се одбележува 75-годишнината од Универзалната декларација за човековите права што ги постави темелите за послободен поправден и подобар свет и тука слободата на изразување е од суштинско значење и придонесува за исполнување на сите останати човекови права. Новинарската работа е честопати тешка, новинарите често се подложени на притисоци, закани и честопати говор на омраза особено во онлајн просторот. Тие се соочуваат со недостиг на отвореност кога собираат информации. Нивниот работнички права честопати не се почитуваат, а во денешниот свет тие се соочуваат со огромни дополнителни предизвици како резултат на ширење на дезинформации секојдневно во јавната сфера, нагласи Гир. (3 мај)

Почна ИПАРД 3 кампањата, 97 милиони евра од ЕУ за инвестиции во македонското земјоделство

Скопје – Први во регионот ја почнуваме новата ИПАРД приказна. Имаме на располагање 97 милиони евра. Да ги претвориме овие средства во нови инвестиции. Со поддршката што ни ја дава ЕУ да продолжиме да ги развиваме општините и руралните подрачја, да продолжиме да го модернизираме и осовременуваме нашето производство, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на настанот со кој и официјално почна кампањата за ИПАРД 3 Програмата.

Николовски напомена дека земјава е лидер во регионот со 98 отсто искористеност на средствата и нула евра поврат за целиот ИПАРД 2 период.

-Една мала земја како нашата, успеа да се избори за лидерско место во конкуренција со двојно поголеми држави и држави членки на ЕУ. Доказ за тоа е што ние имаме број на инвестиции колку Србија, Црна Гора и Албанија заедно. Ние сме лидери по три основи: имаме најголема искористеност од 98 проценти на средствата од ИПАРД 2 со склучени 2 369 договори, нула евра поврат на средства за целиот ИПАРД 2 период и први во регионот почнуваме со ИПАРД 3 програмата. Овој успех се мери во милиони евра инвестирани дома, во инвестиции по европски стандарди за модернизација на земјоделството и зголемен рурален развој. Реализирани се многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, модерна земјоделска механизација, системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини. Новите капацитети значат золемено производство, нови вработувања, поголем рурален туризам и зголемена домашна економија, рече Николовски. (2 мај)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.