Скопје – Наш приоритет во овој момент се уставните измени што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, а за сите останати прашања постои јасна политичка волја да водиме легитимна демократска политичка дебата и веднаш потоа да ги завршиме и тие обврски. Во таа смисла ги повикувам сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор. А тој избор е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава.
Ова го нагласи претседателот Стево Пендаровски во обраќање на панел дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.
-За нас, приоритетите во процесот на пристапување се ургентни. Нашата прва задача е да ја исполниме обврската што ја преземавме прифаќајки ја Преговарачката рамка што овозможи земјава по повеќе од деценија и половина со кандидатски статус конечно да ги отвори преговорите со првата Меѓувладина конференција и со процесот на скрининг, рече Пендаровски. (18 мај)
Битиќи: Работниците мора да имаат достоинствени плати
Скопје – Одлевањето на работници од земјава е последица на погрешните политики што се воделе во минатото, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и порачува дека сите работодавачи треба да сфатат оти мора достоинствено да ги плаќаат работниците за да ги задржат на работните места.
-Сметам дека конзистентни политики даваат резултати. Кога имате период на привлекување странски инвестиции во кој работната сила се продава како евтина работна сила последицата на такви погрешни политики е денешната состојба, а тоа е граѓаните да не веруваат дека во нашата држава може да се отвораат добро платени работни места. Нашата политика од 2017 година и наваму е конзистентна, а тоа е секое работно место кое што ќе се отвори од странски и домашни компании, а би требало да добие поддршка од страна на Владата, мора да биде достоинствено платено работно место, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на македонско-финскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора. (17 мај)
Владата усвои сет препораки за училиштата за подигнување на безбедноста во училишните објекти
Скопје – Владата на денешната седница усвои сет препораки наменети за училиштата со цел во овој исклучително сензитивен период да се реагира внимателно и правилно за подигнување на безбедноста во училишните објекти, информира министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција во Владата.
Министерот појасни дека станува збор за десет владини препораки кои се плод на еден широк процес на консултации со добиени сугестии од академската фела и експертската јавност и истакна оти верува во ефикасноста на препораките. (16 мај)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.