Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Од денеска, според најавата на премиерот Димитар Ковачевски, Владата ќе ја разгледува Предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група. Работната група на седница во петокот ја усвои Предлог – иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за негово изменување и дополнување.

Претседателката на работната група Маргарита Цаца Николовска изјави дека се предлага промените да бидат во делот на Преамбулата со тоа што „после бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“. Втората измена е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. (29 мај)

Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет

Скопје – Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет, кој стана нелегитимно тело, вели холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.

Прашан за состојбата на правосудниот систем, холандскиот амбасадор Коп во неделното интервју за Радио Слободна Европа, вели дека тоа е централно прашање, кое Холандија го следи внимателно.

Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но, она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна, изјави Коп. (28 мај)

Агелер: Пораката на сенаторот Марфи е јасна зошто треба уставните измени да се направат до крајот на годинава

Кавадарци – Амбасадорката на САД, Анџела Агелер верува дека е јасна и важна пораката на американскиот сенатор Крис Марфи дека тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции треба да се направат до крајот на годинава.

Агелер на отворениот ден организиран во рамките на вежбата „Брз одговор 23“, прашана за коментар за изјавата на сенаторот Марфи, рече дека тој бил навистина јасен во неговата изјава.

Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евро-атлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатланските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен, изјави Агелер. (28 мај)

Маричиќ: По уставните измени патот кон ЕУ е отворен, блокади веќе не очекуваме

Скопје – Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека може да се стигне со уставните измени до ноември месец, доколку сите партии и сите пратеници ја сфаќаат својата одговорна улога во овој период.

Знаеме дека процедурата во собранието трае од прилика три до четири месеци, сосема доволно да се издискутираат и да се усвојат овие уставни амандмани, којшто се само дополнување на досегашниот систем на заштита на заедниците, изјави Маричиќ во изјава за Телма телевизија, додавајќи дека потоа ќе бидеме во друга фаза, фаза во која ќе продолжат преговорите со ЕУ, патот ќе биде отворен и дека блокади веќе не се очекуваат. (27 мај)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.