Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Кишињев – Стратешка цел на Северна Македонија е полноправното членство во ЕУ до 2030 година. Скрининг процесот треба да заврши многу скоро, и ни претстојат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата, истакна премиерот Димитар Ковачевски по пристигнувањето во Кишињев каде придружуван од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ќе учествува на вториот Самит на Европската политичка заедница.

За тоа, како што посочи, вчера во Братислава разговарал со претседателката на ЕК Урсусла фон дер Лајен и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Претседателката на ЕК, која по состанок со мене тоа го сподели на многу експлицитен начин дека сега е времето кога треба да се донесат одлуките за да Северна Македонија го продолжи патот кон евроинтеграцијата и до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Исто така имав состанок со претседателот на Франција на кој разговаравме во детали за процесот кој следи, го информирав за тоа дека се започнати уставните измени, практично предлогот на иницијативата е направен од работната група, доставен до Министерството за правда, ќе биде доставен до Владата, кој подоцна ќе оди во Парламент, рече Ковачевски. (1 јуни)

Стапуваат во сила три договори во рамки на Берлинскиот процес

Скопје – Во Северна Македонија, Албанија и Косово денеска стапуваат во сила трите договори потпишани на 3 ноември 2022 година, во рамките на Берлинскиот процес – Договорот за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, Договорот за признавање на високо образовните квалификации и Договорот за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти. Многу бргу се очекува влегување на сила на договорите и во останатите три држави потписнични, согласно завршените правни процедури кај нив – Република Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, соопшти МНР.

Со нив се воспоставува слободно движење на луѓето само со лични карти во рамките на Западен Балкан; се овозможува мобилност на студентите, професорите и академските работници, додека процедурите за признавање се скратуваат од неколку месеци на две

недели и без трошоци; докторите на медицина, забарите и архитектите ќе можат своите услуги да ги нудат слободно низ регионот.

МНР на Северна Македонија е избрано како депозитар на овие договори. (1 јуни)

Маричиќ: ЕУ има план за брза евроинтеграција, шанса која не смееме да ја пропуштиме

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска, по средбите со европратениците, преку видеообраќање испрати порака дека ЕУ има план за Северна Македонија и за регионот.

-Имаме многу поддржувачи и искрени пријатели во европските институции, меѓу кои и во ЕП. После средбите со европратениците од различни парламентарни групи ја пренесувам пораката дека јасна е визијата за проширување на ЕУ, и дека европратениците и понатаму ќе бидат гласни за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија и регионот во ЕУ. Поддршката и повикот за европеизација на регионот од европските институции е сè посилен. Тоа го докажува и новиот план за забрзано приближување на Западен Балкан кон нашите европски партнери, претставен денес од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, вели Маричиќ.

Според него, имаме и ние план кој со заедничка акција на сите политички субјекти треба да го реализираме и до 2030 да ја валоризираме шансата којашто ни е дадена. (31 мај)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.