Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Првпат во историјата, доколку правилно работиме, со процесот на проширување можеме да ја обединиме Европа, им порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос на лидерите на земјите од Западен Балкан денеска во Скопје.

Таа истакна дека за Европската Унија значаен е проектот за градење на независна Европа, Европа во која граѓаните одлучуваат за нивната иднина. Но, какошто рече Кос за да се реализира ова треба да се зајакне конкурентноста, да се брани демократијата од надворешни непријатели, во свои раце да се земе безбедноста на континентот и последните чекори се унификација на Европа, а тоа значи зголемување, проширување врз основа на заеднички вредности и принципи.

– Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан. Слушам слични мислиња во Копенхаген, Данска која го презема претседателството денеска, и во Берлин, во Варшава и во Париз и го подвлекувам ова, затоа што сакам бидам јасна дека има јасен консензус за дополнително и итно проширување, сега. Не беше така во минатото, но имате шанса, што морате да ја искористите, нема да трае секогаш и гледаме значаен прогрес, рече Кос на лидерска средба ЕУ-Западен Балкан за развојниот план што се одржува под мотото „Стабилност, заедништво, иднина“.

Таа го истакна напредокот на Албанија, Црна Гора, Босна Херцеговани и Србија. Посочи дека Албанија отвори три кластери, во последните шест месеци, со што какошто рече „придонесовте на успехот на процесот на проширување“.

– Доколку продолжиме вака ќе можеме да ги отвориме сите кластери годинава и какошто ви кажав вчера едвај чекам да го прославиме отварањето на кластерите. Црна Гора во петокот затвори уште едно поглавје и во Босна и Херцеговина реформската агенда се усвои и чекаме да се формира нова Влада. Господине Курти вие навистина вложивте многу енергија во процесот на пристапување и веќе продолжуваме напред во Србија. Се надевам дека ќе можеме да одиме понатаму. Но, ова е процесот на проширување. Сега сме тука за Планот за раст, драг Христијан ви кажав дека сме успешни и се разнежувам кога зборувам за Западен Балкан, затоа што регионот ми е многу драг, рече Кос во своето обраќање.

Лидерска средба ЕУ-Западен Балкан во Скопје за Планот за раст. Фото: Европска комисија

Еврокомесарката за проширување, додаде дека сака да помогне за да се премине преку целта.

– Знам дека клучните реформи, коишто ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат во закоравени структури на интереси, на моќ и на многу начини бараат длабока општествена темелна трансформација и потребно е лидерите да ја водите оваа промена. Ве уверувам дека вреди. Добивките се вредни – стабилност, безбедност и просперитет за сите ваши граѓани, порача Кос.

Планот за раст е целосно во ваши раце, додаде таа, нема мешање од политичките динамики и тоа целосно ќе помогне замјите од регионот да се подготват за членството во ЕУ. Tаа потенцираше дека Планот за раст е во раце на лидерите на земјите на Западен Балкан и е алатка која ќе помогне во важните реформи, кои ќе ги подготват земјите за членство во ЕУ, како и да ги приближат бизнисите и граѓаните со останатите земји членки на ЕУ.

– Земете ја СЕПА, младите претприемачи овде во Скопје или во Тирана можат да добиваат исплата од цела Европа, исто како бизнисите во Мадрид или Виена. Земете ги за пример зелените линии, целосната имплементација ќе го скрати времето на чекање за 50 до 70 отсто за секој извезувач од Западен Балкан кон ЕУ, вели Кос, додавајќи дека ова ќе значи и поголема економска соработка и поврзување со земјите членки на ЕУ.

Таа најави дека овој месец ќе направат исплата за првата транша на средства, од кои 50 отсто ќе одат во инвестициската рамка на Западен Балкан за изградба на патишта, пруги, паркови, дигитална инфраструктура, итн.

– Земјите членки ве набљудуваат што испорачувате и се радуваме на секој ваш успех и една од моите задачи, за коишто сметам дека е многу јасна е дека јас говорам за вашите успеси пред сите во ЕУ. Подготвени сме да играме во ист тим, да изградиме посилна, обединета Европа, којашто презема контрола врз својата иднина, истакна Кос. (1 јули 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.