Скопје – Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во својство на национален координатор, утрово копретседаваше со Првиот состанок на Мониторинг комитетот за Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан (RGF), кој денеска, во хибриден формат, се одржа во Владата на Република Северна Македонија.
Како што соопшти МЕП, во воведното обраќање Муртезани ја нагласи важноста на оваа нова платформа за зајакнување на реформските процеси и институционалната соработка, поздравувајќи ги претставниците на Европската комисија, меѓународните финансиски институции, граѓанскиот сектор, како и претставниците од националните институции, кои учествуваа на овој состанок.
Министерот Муртезани потенцира дека состанокот се одржува непосредно по вчерашниот Самит на лидерите на Западниот Балкан во Скопје посветен на Планот за раст и реформските агенди на земјите кандидатки од регионот, а кој уште еднаш ја потврди заедничката определба, како од страна на регионот, така и од страна на Европската комисија, за пробив на евроинтегративниот пат.
Муртезани истакна дека Планот за раст и Реформската агенда се дизајнирани да донесат клучни социо-економски реформи и да ги поттикнат демократските вредности и владеењето на правото, што се предуслов за стабилност, просперитет и интеграција во Европската Унија.
Северна Македонија, како што посочи Муртезани, останува целосно фокусирана на спроведувањето на Реформската агенда, која опфаќа приоритетни области како добро управување, јавни финансии, енергетска и зелена транзиција, развој на човечки капитал, бизнис-клима и владеење на правото.
– Како јасен показател за политичката зрелост и институционалниот капацитет на земјата да се движи кон европските стандарди преку суштински реформи, Северна Македонија во рекордно краток рок ги финализираше сите правни процедури, што овозможи навремено повлекување на 52,5 милиони евра претфинансирање, истакна Муртезани.
Тој дополнително информира дека веќе е покрената и првата постапка за исплата на нова транша средства од 17 милиони евра, од кои значителен дел се наменети за капитални инвестиции.
Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан е воспоставен за поддршка на процесот на проширување преку забрзување на усогласувањето со правото на ЕУ, забрзување на регионалната економска интеграција како и социо-економска конвергенција со Унијата. Мониторинг комитетот има за цел да обезбеди транспарентност, отчетност и ефикасна координација во спроведувањето на реформските процеси. (2 јули 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
