Скопје – Нема пречки за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, смета високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел
Северна Македонија добро напредува и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиното пристапување во ЕУ. Во овој пристап строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За тоа дефинитивно е неопходна добра соработка. Регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизацијата за да може да се спроведе процесот на пристапување. Но, билатералните прашања нема да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување, изјавил Борел на прашање од Бугарското национално радио, кои ќе бидат следните чекори на ЕУ ако до ноември Северна Македонија не ги вклучи Бугарите во Уставот, како што е предвидено во т.н. француски предлог за почеток на преговори за пристапување во Европската унија. (26 јуни)
Ковачевски: Верувам дека и ВМРО ДПМНЕ ќе се приклучи во одлуката за уставни измени во наредниот период
Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека се уште нема конкретен датум за владината седница на која ќе бидат ставени на дневен ред уставните измени. Ковачевски изрази уверување дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучат во носењето на одлуката за уставните измени во текот на наредниот период.
-Нема конкретен датум, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе. Претходно тој исто така кажа дека од вчера до денеска нема ништо ново во однос на евентуални разговори со опозицијата.
Како владина коалиција и СДСМ, рече премиерот, ние имаме многу јасен став земјата да стане членка на НАТО.
-ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше против. Исто така да станеме земја фактор на стабилност на Балканот, што го направивме. Ги започнавме преговорите со ЕУ по 17 години чекање и што се однесува до нашиот став многу е јасно каде оди Северна Македонија а тоа е во полноправно членство во ЕУ. Затоа оставаме простор за прв пат во историјата ВМРО-ДПМНЕ заедно со нивното раководство да се одлучат да бидат дел од носењето на една ваква одлука и продолжување на европската интеграција на државата, кажа премиерот. (26 јуни)
Дрекслер: Корупцијата и организираниот криминал заслужуваат повеќе внимание во следните недели
Скопје – Со определбата на македонската Влада за европскиот пат, за целта за членство во ЕУ, како долгорочна стратешка цел на земјата, Владата се определи и за ефективна борба против корупцијата и организираниот криминал. Верувам дека ова се теми што заслужуваат уште повеќе внимание во следните недели, месеци и ќе станат уште поважни. Граѓаните бараат да не ја платат цената за тоа, корупцијата да не остане неказнива и да биде на товар на општеството, изјави германската амбасадорка Петра Дрекслер.
Амасадорката Дрекслер во интервју за емисијата Трилинг за ТВ 24, посочи дека вклучувањето на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот е дел од преговарачката рамка што Северна Македонија ја склучи со 27 земји членки на ЕУ.
Преговарачка рамка со ЕУ е доволна гаранција дека по внесувањето на Бугарите во Уставот нема да има нови услови на македонскиот пат кон Брисел, рече таа додавајќи дека се надева оти наскоро ќе бидат изгласани уставните промени во Собранието. (23 јуни)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.