Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Берлин – Пристапниот процес на Северна Македонија треба да биде редовен согласно напишаното на хартија и не треба да има нови условувања, кои се однесуваат на билатералната состојба, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес – конференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија.

-Ќе бидам јасен. Тоа е јасно договорено, и треба да биде редовен пристапен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Јас гарантирам за тоа, рече канцеларот Шолц на новинарско прашање за коментар дали е прифатлива за него изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени, кои се утврдени во преговарачката рамка, се само прелиминарен услов за земјава и дека со нив не се исцрпени сите услови за државата да ја почне втората фаза од преговорите.

Шолц порача дека уставните измени се од централно значење за да се ослободи патот на Северна Македонија кон ЕУ и дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјава. (28 јуни)

Пентагон: Владеењето на правото е важно за отпорноста на Северна Македонија

Вашингтон – Важно за регионалната и глобална безбедност е Северна Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото, изјави заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер за Гласот на Америка на македонски.

Прашан дали верува дека корупцијата во Северна Македонија е закана за нејзината национална безбедност, Бојер истакна дека ставот на Пентагон е оти владеењето на правото и демократијата се важни за да има силни системи кои ќе бидат отпорни и ќе придонесат и за регионалната и за глобалната безбедност.

– Ќе оставам на моите колеги од Стејт департментот да зборуваат за политиката и политичките напори што ги имаме со Северна Македонија. Она што можам да го кажам од страната на Одделот за одбрана е дека го гледаме нашиот однос како расте и како вистинска основа за севкупните билатерални односи. Се разбира, ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно, вели Бојер. (28 јуни)

Пендаровски: До крајот на ноември има време за уставните измени, не можам да замислам сами да се блокираме за членство во ЕУ

Подгорица – Претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање во рамки на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (PSJIE), што се одржува во Подгорица, истакна дека се надева оти до ноември ќе бидат направени уставните измени, за да се избегне државата сама да се блокира за влезот во ЕУ.

-Како што е познато, минатата година гласавме да ја прифатиме европската рамка и тоа беше еден од предусловите да продолжиме со преговори за членство во ЕУ. Веќе е оформрена работна група во рамки на нашето Министерство за правда, составена од ексpерти и политички претставници на партиите во Парламентот. Тие дадоа предлог за содржината на амандманите, па и за влез на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Според најавите, следните две недели би требало таа иницијатива да ги помине процедурите во Владата и потоа да влезе во Парламентот. Во овој момент постојат разговори на различни политички нивоа, неодамна имаше и таканаречена лидерска средба меѓу премиерот и лидерот на главната опозициска партија, која сè до овој момент има забелешки, приговори и не е согласна да ја поддржи таа измена на Уставот. Некакви позитивни чекори напред од таа средба има, меѓутоа далеку сме сè уште од заокружување на тој процес, изјави Пендаровски.

Тој изрази надеж дека до крајот на ноември, додека трае т.н. скрининг процес, ќе ја завршиме таа обврска.

– Не би сакал воопшто и да помислам на опцијата сами себе да се блокриаме кога веќе минатата година ја усвоивме европската преговарачка рамка, најлогично е да ја завршиме таа работа и да продолжиме со втората конференција за членство во ЕУ, истакна Пендаровски. (27 јуни)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.