Даблин – Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска во Даблин се сретна со членови на Заедничкиот комитет на двата дома на ирскиот Парламент за прашања поврзани со Европската Унија, при шти ги информира за тековната имплементација на Реформската агенда 2024-2027 на земјава и активностите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, презентирајќи ги воедно и заклучоците од Самитот, кој пред двa дена се одржа во Скопје.
На средбата, како што соопшти Министерството за европски прашања, Муртезани и парламентарците разговарале и за динамиката на реализација на обврските поврзани со Планот за раст, со цел унапредување на економското усогласување и институционалната подготвеност на земјата.
Министерот нагласил дека земјава е активно вклучена во регионалните процеси, постигнувајќи конкретни резултати во исполнување на условите за ослободување на средствата и дека веќе е дел од европскиот механизам за владеење на правото, а ги информирал пратениците и за тековниот напредок на земјава во рамки на евроинтегативниот процес, во делот на исполнувањето на одредниците од Кластерот 1, Основни вредности. Тој посочил дека Владата е целосно посветена на продлабочување на реформите во владеењето на правото, ефикасноста на јавната администрација и зајакнувањето на демократските институции, во тесна соработка со Европската комисија.
– Муртезани имаше конструктивна размена на мислења со членовите на Комитетот на теми поврзани со економската интеграција на Северна Македонија, отпорноста на институциите и подготовката на земјите-кандидатки за членство, се наведува во соопштението.
Министерот се заблагодарил до членовите на Комитетот, којшто континуирано ја афирмира својата поддршка за политиката на проширување на Европската Унија, вклучително и за европската перспектива на земјава и останатите земји од Западен Балкан.
На средбата, како што наведе МЕП, било споделено заедничко гледиште дека интеграцијата на регионот е прашање од стратешко и безбедносно значење за Унијата. Исто така едногласно било оценето дека е потребна потесна заемна соработка меѓу двете земји, како и креирање на политичка динамика што ќе обезбеди предвидлив и заслужен напредок на државава, особено во контекст на претстојното ирско претседавање со Советот на ЕУ. (4 јули 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.