Стразбур – Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ денеска го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.
Во писмена изјава по гласањето Вајц посочи дека земјава е предводник во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи.
– Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ, вели Вајц во изјавата.
Тој посочува дека во Извештајот се нагласува оти проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и ја повикува земјата да ги спроведе потребните реформи.
– Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ, вели Вајц.
Тој нагласува дека како известувач на ЕУ за земјава неуморно работел за „добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја“.
– За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели, додава Вајц во изјавата.
Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“. (9 јули 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.