Скопје – Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди кон европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана, порача денеска од Скопје шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин Бујар Османи и министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски кои се во посета на земјава.
-Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. Земјата чека 18 години да дојде до овој момент. Сега вам ви останува да го искористите овој момент. Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата, порача Шаленберг.
Шаленберг нагласи дека не се случува секој ден тројца министри на три членки на ЕУ да дојдат во земја на Западен Балкан, што, како што кажа, треба да биде силна порака за вас
-Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии, дециден е тој. (13 јули)
Ковачевски – Мицотакис: Грција останува силен партнер на Северна Македонија на патот кон ЕУ
Вилнус – Пресек на севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Грција направиле денеска премиерите на девете држави, Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицоакис на билатералната средба на маргините на НАТО Самитот во Вилнус, при што ја потенцирале подготвеноста за нивно зајакнување и проширување на соработката во секое поле од заемен интерес, а посебно на економски план.
Како што јави специјалниот известувачот на МИА од Вилнус, двајцата премиер изразиле задоволство од трендот на зголемување на трговската размена меѓу Северна Македонија и Грција.
Ковачевски и Мицотакис, како што информира Владата, истакнале дека од клучна важност е соработката во енергетскиот сектор, за која се согласиле дека има голем потенцијал ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји. (12 јули)
НСЕИ: Собранието има клучна улога во европските реформи и одредување на правецот на земјата
Скопје – Улогата на Собранието како законодавен дом е клучна во носењето на законски решенија кои се неопходни за реализација на европските рефроми, но и во политичка одговорност за насоката на движење на земјата за постигнување на стратешката цел – членство во ЕУ. Ова, меѓу другото, беше истакнато на денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и на собраниската Комисија за европски прашања на која амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава Хозе Луис Лозано Гарсија ги претстави програмата и приоритетите на шпанското претседателство со Советот на ЕУ за втората половина од годинава.
Во своето излагање евроамбасадорот Дејвид Гир се осврна на забелешките во делот на реформите во правосудството и владеењето на правото.
-Во многу клучни области реформите кои што се поддржани од страна на ЕУ и други донатори, не напредуваат како што требаше и во некои случаи има и негативен развој на настани кои не очекувавме да ги видиме од земја која започна преговори за пристапување во ЕУ. Овој законодавен дом има голема улога која може да ја одигра со тоа што ќе го одблокира носењето на клучни закони и ќе го обезбеди соодветното функционирање на други важни институции, порача Гир во обраќањето. (11 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.