Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Политичкиот консензус и подеднаква вклученост на сите чинители е темел за успешност во преговорите со ЕУ, вели во интервју за МИА Борис Вујчиќ, гувернер на Хрватската народна банка и поранешен заменик-главен преговарач на Хрватска со ЕУ.

-Темелот за успешноста на преговорите е – политичкиот консензус. Ние од самиот почеток се обидовме тој политички консензус да го имаме на начин што сите делови на општеството беа активно вклучени, политички – и позицијата и опозицијата, низ надзорниот механизам на преговорите, којшто беше парламентарен, а исто така на почетокот беа вклучени и претприемачи – здружението на претприемачи, синдикати, и делови на граѓанското општество кои требаа да дадат поддршка за тој процес, вели Вујчиќ.

Според него, многу е важно од самиот почеток сите да бидат во целост вклучени, со цел, доколку дојде до промена на власта, да не дојде до забавување на тој процес, доколку некој не бил доволно вклучен од почетокот.

Во однос на корупцијата, Вујчиќ вели дека за нејзино сузбивање потребно е борба на три фронта – од една страна транспарентноста во трошењето државни пари, намалување на просторот за корупција и потоа кривично гонење на оние кои ги прават казнените дела. (23 јули)

Бун за МИА: Доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија

Скопје – Уставните измени се дел од договорот што го постигнаа Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување. Нема други барања. Доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија.

Ова го порача Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција во разговор за МИА прашана дали актуелната состојба со уставните измени може да влијае и на подготовката на скрининг извештајот за земјава. Имено еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји неодамна најави дека скрининг извештајот за Тирана ќе биде претставен наскоро без да напомене кога да се очекува тој за Скопје и дали тоа и де факто ќе значи раздвојување на двете земји во процесот. (22 јули)

Мицкоски: Евентуалното одвојување на Северна Македонија и Албанија би било историска грешка

Скопје – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во врска со можноста за одвојување на Северна Македонија и Албанија, доколку не се случат уставните измени, на што предупредуваат странски дипломати, оцени дека тоа би било уште една историска грешка и неправда.

-Јас и посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати држави, но ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ. Ние ќе се бориме да ги подобриме лошите услови, кои оваа криминална влада им ги направи на граѓаните, изјави денеска Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Во однос на уставните измени кои утре официјално ќе влезат во собраниска процедура, Мицкоски порача дека нивниот став останува ист и тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група. (24 јули)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.