Скопје – Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска изрази уверување дека предлогот за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент, со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик е стигнат и сега Софија е на потег, како што рече, да застане на страната на прогресот, што не е само наш, туку и европски интерес.
Муцунски одговараше на новинарско прашање во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе побара заедно со Бугарија да поднесеме резолуција во ЕП за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
– Уверен сум дека предлогот е стигнат, имајќи предвид дека се дава една таква изјава на претседател на Владата, за такво прашање, кое ги засега граѓаните… Сметам дека во Бугарија имаат можност да покажат зрелост и капацитетност да одат напред, кон предизвиците од 21. век. Ние секогаш повикуваме на дијалог, на разум во меѓусебните билатерални односи, бидејќи иднината треба да биде споделена, ние сме две соседни земји кои имаат многу што треба да прават заедно, насочено кон подобар живот за нашите граѓани, рече Муцунски.
Тој нагласи дека кога се има заедничка волја се постигнуваат резултати и изрази жалење поради тоа што политичкиот дискурс во Бугарија е заглавен во 19. век.
– Политичката реалност е дека нашиот сосед и покај сите непобитни факти ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претстаувва не само ризик, туку и пречка. И што велиме ние, која е иницијативата на премиерот, дајте да покажеме гест, знак, инцијатива за да ја елиминираме таа пречка и затоа во моментов Софија е на потег да покаже дали ќе оди напред во 21 век или ќе остане заглавена во реториката на 19. век. Јас сакам да верувам во разумот во прогресивноста на Софија, тоа се тешки одлуки, но затоа сите сме избрани да носиме тешки одлуки. Сега Софија има можност да покаже дали ќе застане на страната на прогресот, што не е само наш туку и европски интерес, рече Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски дал понуда до бугарскиот претседател Румен Радев и до владата во Софија да биде поднесена заедничка Резолуција во ЕП со којашто ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик. Пратеникот Антонијо Милошоски, минатата недела изрази скептицизам дека ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи, како што рече, кај некои бугарски владини претставници видливи се одредени задни намери. (21 јули 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.