Скопје/Брисел – Пред пратениците во Собранието денеска ќе се најде францускиот предлог за преговарачка рамка, а претходно на пленарна седница обраќање ќе има претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен пристигна утрово во Скопје, таа на пратениците ќе им порача дека треба да го поддржат францускиот предлог, таа утрово на Твитер напиша дека на потег е Северна Македонија.
Од своја страна, премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека од пратениците очекува да размислуваат “државнички“, како претставници на народот, а не само на партиите, и порача дека Владата во процесот на преговори ќе води “исклучителна грижа за македонските црвени линии“, заштитата на националниот идентитет и зачувување на македонските специфичности. Пратениците не гласаат за предлогот туку за заклучоци со кои на Владата и се даваат насоки за што може или не може да преговара во ЕУ процесот.
Во меѓувреме пред Собранието се одржуваат протести против францускиот предлог, десет дена по ред. Демонстрантите протестираат поради преголемото влијание на една земја членка, Бугарија, во предлог преговарачката рамка на француското претседателство со ЕУ. (14 јули)
Активни 2091 случај на Ковид-19 во С.Македонија, состојбата стабилна
Скопје – Од вкупно 1.153 тестирања од вчерашната Ковид статистика, регистрирани се 411 лица позитивни на коронавирусот, односно 35 проценти од тестираните се позитивни. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје од вкупниот број позитивни лица, 88 се реинфекции, а нема починати лица. Оздравени се 210 пациенти.
Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок на којшто ќе се дискутира за состојбата со вирусот во земјава. Засега остануваат да важат мерките за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките, домовите за стари лица и лица со попреченост. Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот.
Додека состојбата со КОВИД-19 во земјава е стабилна, Европа и регионот се подготвуваат за нов бран. (14 јули)
Северна Македонија останува внимателна за снабдувањето со гас
Скопје – Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски разбојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, изјави дека има индикатори, но не и најава дека може да се случи сериозен проблем во делот на снабдувањето со гас.
– Верувам дека компаниите веќе имаат, за дел и знам дека имаат разработено резервни планови „што доколку“, бидејќи веќе поминаа девет месеци откако почна целата криза во сегментот на снабдување со енергија, вклучително и со гасот, рече Деспотовски.
Тој додаде дека во ТУРЗ “внимателно“ се следи ситуацијата, но моментно нема најава дека може да се случи сериозен проблем во овој снабдувањето со гас.
-Зборуваме за компаниите во скопските зони кои се снабдуваат со природен гас. За останатите компании сега работиме на инвестиции, што ќе им овозможат пристап до природен гас, за тие компании ваков тип ризици во моментов не постојат, истакна Деспотовски. (13 јули)