Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје, 17 август 2023 (МИА) – Ако навистина ѝ сакаме добро на државата и сакаме да ја оствариме целта – до 2030 година Северна Македонија членка на ЕУ, сега е време тоа да се покаже на дело, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во пресрет на утрешната собраниска седница за уставните измени.

Маричиќ вели дека сега не е време за популизам и дека блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација, неизвесност и отвораат простор за влијанија на трети страни.

– Бегањето од носење државнички одлуки и неучествување во најважниот национален процес само го отежнува и забавува прогресот на државата и нè оддалечува од европската перспектива. Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ, истакна Маричиќ.

Османи до пратениците: Од вашата одлука зависи дали ќе ги продолжиме преговорите со ЕУ или ќе запрат на подолг рок

Скопје, 17 август 2023 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи во пресрет на собраниската седница за уставните измени упати отворено писмо до пратениците во кое порачува дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите или ќе ги запре на подолг рок без гаранција за успех.

– Во петок започнува дискусија по која ќе следи гласање за второто најважно прашање кое било кој парламентарен состав требал да ги донесе во историјата на земјата по независноста – по зачленувањето во НАТО, остварување на втората стратегиска цел на државата за приклучување кон напредното европско семејство на држави. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, вели министерот Османи.

Гаши, Меџити и Касами бараат заедно со уставните измени да се расправа и за албанскиот јазик и корупцијата

Скопје, 17 август 2023 (МИА) – Лидерите на Алтернатива, Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити денеска побараа итно да се стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да се помине што побрзо првата фаза на уставните измени и како што велат, да влеземе во суштински процес на тие измени.

Заедно со ова, тие побараа да се стават и амандманите за измена на „навредливото именување“ на 20 проценти за албанскиот јазик, како и против застарување на случаите на политичка корупција.

– Ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани. На овој начин, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба, рече Гаши.