Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје, 14 август 2023 (МИА) – Соработката во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, забрзување на реформските процеси во земјава и борбата против корупцијата, беа во фокусот на средбата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со американската амбасадорка во Северна Македонија Анџела Агелер.

На средбата, како што соопшти МНР, стана збор за соработката во рамки на Стратешкиот дијалог, при што Османи изрази благодарност за дополнителните средства во висина од 4 276 000 американски долари наменети за  владеење на правото и спроведување на законите, што САД ги доделува започнувајќи од 2012 година.

– Со САД како наш значаен стратешки партнер продолжуваме заеднички и посветено да работиме за забрзување на реформските процеси во земјава, при што високо ја цениме континуираната американска поддршка за справување со предизвиците и борбата против корупцијата, рече Османи.

Ковачевски: Сега е време за храбри одлуки за европската иднина на младите

Скопје, 12 август 2023 (МИА) – Младите се носители на прогресот во секое општество, предводници во реализација на нови, свежи и храбри идеи за чие остварување треба да сме им поддршка. Затоа како Влада се фокусираме на креирање конкретни мерки кои ќе ги зголемат можностите за вработување на младите. Ги охрабрувам младите – бидете гласни, нека се слуша вашиот глас, заслужувате иднина за која ние како генерација пред вас ќе се бориме со храбри и државнички одлуки, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски во честитката по повод Меѓународниот ден на младите, 12 август.


Како што наведува премиерот Ковачевски, од 2018 година до денес, над 80 000 млади лица се вклучиле во „Гаранцијата за млади“, додека речиси 40 отсто од учесниците во оваа мерка добиле понуда за вработување, континуирано образование и обука и биле вклучени во практикантство.

Стоилковски: Уставните измени нема да поминат, следен чекор се предвремени парламентарни избори

Скопје, 14 август 2023 (МИА) – Уставните измени нема да поминат по што следен чекор би биле предвремени парламентарни избори, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се очекува од пленарната седница во петок за отворање на Уставот за внесување на Бугарите и другите народи.

Тој посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и недвосмислен, апелирајќи да не се прават натамошни комбинаторики.

– Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и недвосмислен повеќе од една година а тоа е дека уставните измени нема да поминат, по што апелираме да не прават натамошни комбинаторики. Ќе се види дека немаат легитимитет за било што и единствениот чекор кој што треба да следи се предвремени парламентарни избори, нагласи Стоилковски.

Војници на АРСМ учествуваа во изградбата на привремен мост во Словенија

Скопје, 14 август 2023 (МИА) – Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои учествуваат во хуманитарните операции во Словенија за санирање на штетите од катастрофалните поплави, заедно со припадниците на Словенечката војска изградија привремен мост во општината Межица во северниот дел на земјата, кој денеска беше пуштен во употреба.

На отворањето на мостот во оваа општина во корушкиот регион, присустуваше словенечкиот министерот за одбрана Марјан Шарец.

– Словенечката војска набрзо пристапи кон изградба на овој привремен мост. Благодарност до инженерите. Мостот денес стои. Навистина ни требаше, тој е важен за локалното население и економијата. Драго ни е што беше поставен за толку кратко време, рече министерот Шарец.