Скопје, 11 септември 2023 (МИА) – Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони што почна претпладнево во Скопје.
На состанокот, покрај домаќинот Стево Пендаровски, учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во улога на ко-домаќини, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.
Пред состанокот, Милановиќ изјави дека се надева оти средбата во Скопје нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето завршна декларација.
Бауер за МИА: Со пристапувањето на Финска и Шведска 96 отсто од луѓето во ЕУ се заштитени од НАТО
Скопје, 9 септември 2023 (МИА) – Со пристапувањето на Финска и Шведска, 96 отсто од луѓето во Европската Унија се заштитени од НАТО, вели во интервју за МИА претседавачот на Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роб Бауер.
На прашањето колку за стабилноста на регионот освен членството во НАТО е важно и членството во ЕУ, Бауер напоменува дека нема предуслов да се биде член на двете организации и дека фокусот на НАТО е на физичката безбедност на земјите, но сè повеќе земји на ЕУ се исто така членки и на Алијансата, а некои од државите кои се само членки на НАТО се стремат да станат и членки на Унијата.
– Нашиот фокус е на физичката безбедност на земјите. За тоа е Алијансата, одбрана на Алијансата. Има одреден број земји во Алијансата кои се членки и на НАТО и на ЕУ, а има и одреден број на земји кои се само членки на НАТО, истакнува Бауер.
Ковачевски: Лидерството на ВМРО-ДПМНЕ води нерационална дискусија за уставните измени
Скопје, 8 септември 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски смета дека во моментов целата дискусија за уставните измени се води на прилично рационално ниво од страна на владејачките партии и коалицијата која е за европски интеграции, а на исклучително нерационално ниво од страна на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ.
Според премиерот, неопходна е дискусија која ќе базира на факти.
– Гледате дека во јавноста нема никакви забелешки во однос на содржината на амандманите и во однос на постапката која се води. Сметам дека на крај треба да резултира со изгласување на потребните одлуки и отворање на поглавјата за што побрзо пристапување во ЕУ. Стратешка одлука значи тоа, се друго е бегање од реалноста… Само за споредба Хрватска почна со нас, а веќе воведе евро, дел е од ЕУ и од Шенген зоната, додека ние се уште разговараме дали ќе донесеме одлука со која ќе ги отвориме поглавјата, истакна Ковачевски.
Маричиќ: Во октомври ќе се знае кој е за брзо членство во ЕУ, а кој за вадење на државата од европскиот колосек
Скопје, 10 септември 2023 (МИА) – Очекуваме до септември-октомври јасно да се издвојат двата политички блока, едниот кој е за членство во ЕУ што побрзо и другиот кој е против и смета дека имаме време за чекање. Чекањето е стратегија што ќе ја испразни нашата земја од млади луѓе и којашто ќе ја убие надежта за ЕУ, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Специјал на денот“ на МРТВ 2.
Маричиќ укажа дека доколку навистина сакаме да продолжиме со државите кои преговараат и да се задржиме во тој пакет за да имаме шанса за влез до 2030, уставните измени се првата одлука.
– Направивме сè, правиме и ќе направиме да бидат донесени овие уставни измени. Сметам дека ќе успееме зошто другата опција е да се тргнеме од овој колосек на државите кои веќе преговараат и да останеме во една група замји кои се многу далеку од преговорите, изјави Маричиќ.
Португалската министерка за одбрана во официјална посета на Северна Македонија
Скопје, 11 септември 2023 (МИА) – Министерката за одбрана на Португалија, Марија Хелена Кареирас денеска престојува во прва официјална посета на Северна Македонија, соопшти Министерството за одбрана.
За време на посетата, во Министерството за одбрана, министерката Кареирас ќе оствари тет-а-тет средба со министерката Славјанка Петровска, по што двете министерки ќе го потпишат и првиот договор за билатерална соработка на полето на одбраната.