Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје, 17 септември 2023 (МИА) – Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевскина ја започнаа првата „EUBeachCleanup“ на Преспанското Езеро, акција организирана во Северна Македонија.

Акцијата за чистење е годишна глобална иницијатива и оваа година ќе се организира на плажата Сливница преку мрежата на млади европски амбасадори „We Balkans“ финансирана од ЕУ.

– Годинава брегот на Преспанското Езеро ќе го чистат 20 млади европски амбасадори од Западен Балкан кои ќе им се придружат на своите македонски врсници за да ја исчистат плажата Сливница. Ова е трета година како млади европски амбасадори од регионот ќе учествуваат на настанот, организиран преку проектот „We Balkans“ финансиран од ЕУ. Оваа активност ќе ги поттикне луѓето да ги исчистат плажите на Преспанското Езеро од сметот што ги мачи, се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Тројца руски дипломати протерани од државата, Захарова вели тоа нема да остане без одговор

Скопје, 16 септември 2023 (МИА) – Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека тројца дипломати од Руската амбасада во Скопје се прогласени за непожелни во државава на 12 месецов, поради информации добиени од надлежните органи за преземени активности во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.

– Во Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата во Скопје беа прогласени за персона нон грата, наведе МНР во соопштние. 

Портпаролката на МНР на Русија, Марија Захарова во објава на социјалните мрежи наведе дека властите на Северна Македонија, без објаснување на причините, прогласиле тројца дипломати на Руската амбасада во Скопје за „персона нон грата“. Таа овој потег го оцени како неодговорен и непријателски чекор, дополнувајќи дека нема да остане без одговор.

Пендаровски: Без уставни измени до ноември државата нема да се дестабилизира, но демократски ќе се уназади 

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски вели дека како и претходно, и денес е реалист во однос на очекувањето дали измени на Уставот ќе се случат до ноември. Рече дека ако не се случат дотогаш нема опасност од дестабилизација на државата, но дека е  можно драстично демократско уназадување и економско стагнирање.

– Не можам да кажам дека нема да бидат, не ги знам евентуалните комуникации, ако постојат, кои луѓе од Владата или меѓународни посредници можеби ги имаат со двете страни. Можеби тука нешто ќе се промени. Но, гледам дека позицијата на опозицијата е прилично тврда, а искуството ме учи дека кога се приближуваме кон избори, многу тешко го менувате тој став кој ви носи партиски поени. Овој став на главната опозициска партија е од чисто партиски резон, за да добијат гласови, особено кај етничките Македонци, рече Пендаровски во интервју за ТВ 24. 

Османи: Уставните измени ќе овозможат продолжување на патот кон ЕУ

Скопје, 17 септември 2023 (МИА) – Уставните измени се прашањето што ќе го откочи процесот, односно ќе го овозможи продолжувањето на патот кон ЕУ. Сметам дека сите треба пред граѓаните да излеземе и покажеме дали стоиме зад нивната волја да станеме членка на ЕУ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Тој истакнува дека опозицијата целосно ја партизира агендата, целосно ја става европската перспектива на државата во функција на наредните избори.

– Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес и затоа сметам дека треба пред граѓаните да излеземе со јасна порака… Затоа сметаме дека сега е време сите политички партии кои што се залагаат за ЕУ да бидат дел од Европски фронт. Останатите нека си направат свој фронт па да излеземе пред граѓаните и да бираат граѓаните. Дали сакаат ЕУ или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија, порачува министерот Османи.

Ахмети: Да ги внесеме Бугарите во Уставот, со зачленувањето во ЕУ се отвора преспектива

Скопје, 17 септември 2023 (МИА) –  Претседателот на ДУИ Али Ахмети порачува дека прашањето за уставните измени бара сериозен пристап и повикува да се внесат Бугарите во Уставот со цел продолжување на евроинтеграцискиот процес.

-Уставните измени се сериозно прашање. Има сериозни разлики со опозицијата. Ова прашање бара сериозен пристап. Се работи за иднината на државата.  Уставните измени се историска можност за Македонците, ако се вистински патриоти ќе гласаат ЗА. Ова го имам кажано на сите политички партии, вели Ахмети во интервју за ТВ21. 

Како што пренесува телевизијата во објава на делови од интервјуто, што ќе биде објавено вечер, Ахмети додава дека „на состанок пред неколку години, каде бил присутен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им кажал за острата реторика на националистичките партии во Бугарија“.